Во рамки на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ поддржан од ПОНТ, а спроведуван од страна на ИД „Урсус Спелеос“ и Црвен Крст – Охрид, денеска во просториите на Јавната Установа Национален парк Галичица во Охрид беше отворена лабораторија наменета за надополнување на активностите во полето на еколошка едукација и надополнување на работата на НПГ во редовните мониторинг активности.

Главна цел на проектот е јакнење на капацитетите на Националниот парк Галичица и подигнување на свеста на локалното население за адаптација кон климатските промени и за заштита на загрозените растителни и животински видови и пештерските екосистеми.

Лабораторијата е опремена со соодветна опрема како што се: микроскоп, флакони, епрувети, епендорфи, пинцети, мензури, стаклени чашки, петриевки и слично.

На настанот присуствуваа долгогодишни соработници и пријатели на Националниот парк Галичица, како низа професори, претставници од Македонско еколошко друштво, од Институт за биологија во Скопје, невладини организации, Планинската спасителна служба и голем број пријатели на паркот кои изминативе години безрезервно помагаат во работата на паркот, особено во развојот на еколошката едукација.

Беа презентирани активностите во полето на еколошка едукација, како и истражувачките активности кои се спроведуваат поврзани со пештерските екосистеми.

OhridNews