Според препораките на Владата за забрана на движење во шумите, ЈУНП Галичица нема воведено забрана на движење на својата територија, информираат од Установата.

Заради зголемената опасност од шумски пожари и според препораките на Владата, кога го посетувате Националниот Парк, ве молиме да ја пријавите својата посета на следниот е-маил: [email protected] или во Дирекцијата на Националниот парк, во периодот од 09:00 до 15:00 часот.

Посочуваат дека за пријавување, потребни се следниве информации: име и презиме, матичен број, регистарска табличка на возилото, датум на посета и предвидено времетраење на престојот, локација/место на движење.

Посетителот е должен да го напушти делот на паркот што е под строга заштита до 20:00 часот. Со цел да се превенираат негативни последици, ве потсетуваме дека на територијата на Националниот Парк Галичица е строго забрането да се пали оган на отворен простор, да се фрлаат пластични и стаклени шишиња, да се палат отпад и друг горлив материјал, како и да се фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња, потенцираат во соопштението.

Воедно апелираат доколку се забележи пожар истиот да биде пријавен на телефонскиот број 112 во Центарот за управување со кризи или во установата.

Инаку, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) по барање на ЈП „Национални шуми“ даде согласност за воведување делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште за временски период од 17.07.2023 година, во терминот од 06.00 до 20.00 часот.

За непочитување на оваа делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица кои ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1 500 до 2 000 евра во денарска противредност, информираа од Министерството.

OhridNews