Националната установа „Завод и Музеј – Охрид“ е добитник на престижната награда „Жива“ за 2025 година за најдобар словенски локалитет, доделена на Форумот на словенски култури одржан деновиве во Требиње, Босна и Херцеговина.

Оваа година, жирито за наградата „Жива“ – составено од 16 музејски експерти од различни словенски земји и Европската музејска академија (ЕМА) – им додели награди, признанија и специјални дипломи на 13 музеи од 11 земји. Фактот дека на овој настан учествуваа над 140 учесници од 10 словенски земји и уште 3 други, укажува на виталноста на заедницата на културно наследство, како и на растечкиот углед на наградата „Жива„ во Европа и пошироко, велат од НУ Завод и Музеј Охрид.
Посочуваат дека наградата ја прими директорот на НУ Завод и Музеј Охрид, Горан Патчев, во придружба на неговиот колега Сашо Блажески.

Посебен белег на овогодинешното издание беше воведувањето на новата награда „Жива“ за најдобро зачувување на словенското наследство низ целиот свет. Таа нова награда ја проширува мисијата на наградата „Жива“ надвор од границите на словенските земји претставени од Форумот на словенски култури.
OhridNews











