Повеќе не е прифатливо да се одложува прифаќањето на името на Република Македонија само заради противењето на една држава, вели Робин О Нил поранешен медијатор во спорот меѓу Македонија и Грција во интервју за програмата Порта на Македонската телевизија.

– Мојот совет до македонската Влада е уште еднаш да го покрене ова прашање пред Обединетите нации, со тврдењето дека изминатите 20 години покажаа оти внатрешната стабилност на Грција, во никој случај не била нарушена или загрозена со постоењето на Македонија под нејзиното правилно име и дека и стабилноста на регионот, и меѓународното право повикуваат на признавање на Република Македонија според нејзиното правилно име од страна на Обединетите нации и сите и нејзините членови, смета О Нил.

Според него Грција  би имала случај доколку во рамките на грчката провинција Македонија постои група која сака да се соедини со Македонија. Но сите ние знаеме дека тоа не е случајот во северна Грција и затоа не постои никаков проблем, додава О Нил.

Искусниот дипломат смета дека Грција е должна да го почитува мислењето на Меѓународниот суд и одредбите од Времената спогодба.
 
– Пресудата на Меѓународниот суд значи дека Грција повеќе нема никакво право да приговара на аплицирањето на Македонија во НАТО или ЕУ под името ПЈРМ, вели Робин О Нил.

OhridNews