Аерозагадувањето, PM честичките, издувните гасови од дизел возилата, полицикличните ароматични јаглеводороди и бензенот во издувните гасови на возилата, одредени тешки метали од индустријата, разни соедниненија при согорување на дрва, јаглен, нафта… се класифицирани како канцерогени од прва група, што значи дека докажано предизвикуваат рак кај луѓето според Меѓународната агенција за истражување на ракот.
Следствено, проблемот со високото аерозагадување не е еколошки проблем, туку претставува здравствена криза и како таква треба да се реши што побргу, а не да се влече со децении и политички да се калкулира со мерките кои се неопходни за нејзино решавање, посочуваат од О2 иницијативата.
Македонија со години е на врвот во Европа по бројот на починати поради изложеност на PM2.5. Во 2023 година таа бројка е 222 лица на 100.000 жители во ризик.
Каков беше воздухот во 2025?
Како и до сега, останува праксата и по три години и повеќе да нема мерења на одредени мерни станици. Никако да се набават доволно резервни делови кои бргу ќе ги заменат нефункционалните инструменти, велат од О2.
Во моментов 39 инструменти не работат, 30% од вкупниот број. Продолжува и праксата да не се мерат тешките метали, бензенот, бензо(а)пиренот, хемискиот состав на PM2.5, прекурсорските супстанции на озонот на потребниот број на мерни места, иако е законска обврска. Како резултат, јавноста, но и институциите кои треба да преземат конкренти мерки, не знаат на какви концентрации од овие супстанции сме изложени, од кои голем дел се докажани канцерогени. На ова поле ништо не е сменето со оваа Влада, која е веќе 1 година и 7 месеци на власт, иако додека беа опозиција бараа средства од Буџетот за оваа намена, велат од О2 иницијативата.
Според иницијативата, максимално дозволените дневни и годишни концентрации на загадувачките супстанции во воздухот поставени од страна на нашата држава и ЕУ се арбитрарни, не се базираат на заштита на здравјето, туку се политичко-екомонски базирани и затоа се многу повисоки.
PM2.5: НАЈОПАСНИТЕ
Во однос на загадувањето со PM2.5, најопасните и најштетни по здравјето, нема некоја промена во последните 5 години, малите разлики се должат на климатските услови.
Во зима: концентрациите се до 18 пати повисоки
Надвор од грејна сезона: до 3,5 пати повисоки
Поразително е што ниту Лазарополе, кое важи за рефренетно чисто подрачје, не ги исполнува здравствените граници за PM2.5.
Најниски вредности има од октомври до јануари, а највисоки – во лето и февруари.
PM10: СЛИЧНО СЦЕНАРИО
Загадувањето со PM10 е во слични рамки и исто не покажува некоја промена.
Зимски концентрации: до 7,5 пати повисоки
Летни концентрации: до 2,5 пати повисоки
Само Лазарополе има PM10 вредности во граници на заштита на здравјето.
NO₂: ЗАГАДУВАЊЕ ОД СООБРАЌАЈОТ КОЕ СЕ ПРЕМОЛЧУВА
Обично не се зборува за загадувањето со NO₂, азотниот диоксид, кој е главно резултат на сообраќајот, но и на согорувањето на фосилните горива.
Зимски вредности: до 4,5 пати повисоки
Летни вредности: до 4 пати повисоки
Скопје е на врвот, но повисоки вредности има и во Тетово, Кавадарци, Кичево, Охрид – мерни места во близина на фреквентни улици. Зачудувачки е што Лазарополе во ниту еден месец од годината не покажува концентрации на NO₂ во граници на заштита на здравјето и највисоки концентрации има во лето. Гевгелија, Берово, Миладиновци, Битола 2, Гостивар, Струмица, Битола 1 – имаат пониски вредности од Лазарополе.
Ништо не е направено системски за да се намали загадувањето со овие загадувачи преку целата година и се заштити нашето здравје. Нема сериозни мерки ниту за греење, ниту сообраќај, ниту индустрија, ниту градежништво, смета О2 иницијативата.
Да дозволиш при вакво загадување
- да чадат оџаци непречено, а може брзо да инсталираш филтри на сите и тоа по прифатлива цена од 150-200 евра и ја наметнеш таа обврска,
- да се гори петрол кокс во тулани и други погони кои загадуваат значително, а може да забраниш во еден ден,
- индустријата да користи јаглен, мазут, кокс, наместо гас, а може да наложиш да користи гас каде е можно,
- училишта, градинки, болници да се греат на мазут/нафта, а може да го смениш начинот на греење ако инвестираш,
- да се возат возила без катализатори, без филтри, без никаков стандард, испуштајќи огромни отровни емисии, а може да го спречиш на повеќе начини,
- градилишта и каменоломи без обврска да мерат PM2.5 и PM10, а може да го регулираш во еден ден со носење на измена на законот,
значи дека свесно НЕ САКАШ да го решиш проблемот и ги заштитиш граѓаните од последиците, обвинува О2 иницијативата.
OhridNews


















