Обдукцијата која ја вршат експерти по судска медицина треба да ги утврди  причините поради кои настанала смртта кај 34-годишниот Дејан Новаковиќ кој настрада во тепачката што се случи вчера рано утрото во центарот на Охрид.

Според МВР на  обдуцентите ќе им биде потребно дополнително време за извршување на неопходните хистолошки анализи на срцето кои би ги потврдиле сомневањата зошто престанало да работи, бидејќи од првично направениот преглед повредите на главата не биле животозагрозувачки. Во меѓувреме СВР Охрид трага по еден српски државјанин кој учествувал во тепачката со сега починатиот, но и по уште неколку лица, македонски државјани, за кои постојат индиции дека биле инволвирани во инцидентот.

Во Охридската полиција  вчера на разговор  биле повикани триесетина лица, меѓу кои и еден од  сопствениците на локалот каде започнала тепачката. Тој како што изјави портпаролот на МВР, Иво Котески, се вмешал во расправијата која избувнала помеѓу две групи српски туристи, затоа што препознал свој пријател во караницата. Притоа, информираше полицијата, тој бил нападнат од сега починатиот, по што во тепачката се вклучило и обезбедувањето на клубот „Хавана“, како и други лица.

Што точно се случувало потоа се уште не е јасно, а истрагата се надева дека одговор можеби ќе дадат безбедносните камери од објектите околу местото каде се случил немилиот настан. Експерти кои ги контактираше OhridNews, велат дека не треба да се очекува премногу од безбедносните камери затоа што најголем дел од нив се со ниска резолуција, и иклучително тешко ќе биде да се идентификуваат лица.

И очевидците на настанот не знаат кои биле лицата што го нападнале српскиот турист пред охридската пошта. „Се се одвиваше брзо во темницата, групата го пристигна лицето кое бегаше барајќи помош од полицијата и започнаа силно да го тепаат по главата и телото. Не знам кои беа напаѓачите и не  ги познавам “– изјави за OhridNews, очевидец на настанот. Тепачката ја виделе и голем број жители од околните згради кои се згрозени од бруталноста.

Инцидентот кој се уште не е расветлен го осудија граѓаните на Охрид. Тие изразија жалење за изгубениот млад живот, а градоначалникот Петрески изрази сочувство до семејството на настраданиот и српскиот народ. Тој стравува дека овој немил настан негативно ќе се одрази на туризмот во Охрид, особено што гостите од Србија беа најбројни на ривиерата во изминатите неколку сезони. Инцидентот во Охрид e на насловните страници во медиумите во Србија, а на интернет осамнаа бројни коментари на српски граѓани со осуда на насилството, но и пораки за туристички бојкот на Охрид и Македонија.

OhridNews