Обврските и овластувањата на вработените
во приватното обезбедување ќе се уредат со нов Закон за агенции за
обезбедување, којшто го предлага Министерството за внатрешни работи и
наскоро треба да влезе во собраниска процедура, пренесува „Макфакс“.

Доколку биде усвоен овој Закон, обезбедувачите ќе можат да вршат
проверка на идентитет, предупредување, забрана на влез и неовластено
снимање, задржување, преглед на лица, предмети, возила и багаж.

Предлог законот им овозможува и да употребуваат средства за присила,
физичка сила, гумена палка, средства за врзување на лица, хемиски
средства-спреј, огнено оружје и дресирано куче.

„Една од целите кои треба да се остварат со овој Предлог е и
ограничување, како на поседувањето, така и на употребата на огненото
оружје од страна на правните лица кои вршат приватно обезбедување. Во
таа смисла, Предлогот предвидува ограничување за правните лица кои вршат
приватно обезбедување во поглед на количината на оружје која може да ја
поседуваат“ изјави министерката за внатрешни работи, Гордана
Јанкулоска.

Предлогот се базира на прецизно разграничување на видовите на приватно
обезбедување – во вид на услуги и за сопствени потреби, но и на условите
што треба да се исполнат со цел вршење на одреден вид на обезбедување.

Потоа се врши и натамошно разграничување во однос на начините на кои
може да се врши приватното обезбедувањето, кое во зависност од видот,
може да биде физичко и техничко обезбедување.

Предлогот утврдува воспоставување на Центар за обезбедување и надзор
како посебна просторија опремена со технички уреди за автоматски прием и
обработка на алармни сигнали и информации, со што од друга страна се
врши усогласување со функционирањето на правните лица во праксата.

OhridNews