Три лица, од кои еден вработен во Министерството за земјоделство, се уапсени откако Финансиската полиција го разоткрила нивниот обид да проневерат околу 1,75 милиони евра од Министерството, пренесува „Макфакс“.

Штипјанец вработен во Министерството на земјоделство и двајца вработени во компании од агро секторот, финансиската полиција ги сомничи  дека направиле измама со вештачко ѓубриво.

“Во текот на 2010 година изготвиле фактура со невистинита содржина од фирмата Европродукт МСМ кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со опис дека се фактурира вештачко ѓубре Уреа во количина од 2.000 тони со вкупна вредност од 61.360.000 денари“, се вели во соопштението од Финансиската полиција.

Според финансиската полиција, тројцата со измама и фалсификување на деловни книги се обиделе нелегално да ги извлечат парите од Министерството. Парите ги барале по основ на јапонска помош што им се делела на земјоделците преку Министерството  во вид на механизација и ѓубриво. Тројцата денеска се изведени пред истражен судија.

OhridNews
извор: „Макфакс“