Поради обилните врнежи од дожд во последното деноноќие на повеќе локации во државата се регистрирани зголемување на водостоите на реките како и одредени излевања, поплавени објекти и одрони.

Во Охридскиот регион забележано е значително покачување на водостоите на реките, излевања на повеќе места и ризик за поплавување на поединечни станбени објекти. Активирани се екипи за интервенција во Косел, Опеница и кај Скребатска река, информираат од Центарот за управување со кризи.

Од АМСМ информираат дека во 09:10 часот пријавено е дека на патниот правец Охрид-Св. Наум после хотел Метропол на самиот коловоз имало голем камен кој претставува опасност по учесниците во сообрајќајот.

Во моментов проодна е една коловозна лента од правец од Охрид према Св. Наум, посочуваат од АМСМ.

Во текот на ноќта до раните утрински часови беше пренасочен сообраќајот по левата коловозна лента на патниот правец Охрид-Свети Наум, во близина на стовариште „Митко“, каде на десната коловозна лента во правец на Охрид, имаше околу 100 метри вода длабока до 30 сантиметри. Утринава од 7:05 часот сообраќајот е пуштен по двете коловозни ленти.

Н.С.Ј.