Продолжува врнежливиот почетокот на оваа година. За време на ноќта повторно се очекува нов бран на врнежи да ја зафати целата територија на државата, но пообилни врнежи се прогнозираат во западните делови каде локално се очекува да наврнат над 30 l/m2 дожд, информира Управата за хидрометеоролошки работи – УХМР.

Водостоите на реките во изминатиов период полека се враќаат на просечните вредности за овој период од годината, но новите количини на дожд се очекува значително да го зголемат водостојот пред се на реките во западниот дел од земјата. За време на ноќта и утре наутро зголемен водостој се очекува во сливот на р.Радика, р.Сатеска, р.Голема (Ресенска) и р.Коселска. Зголемен се очекува да биде водостојот и на водотеците и суводолиците кои доаѓаат од планинскиот масив Шар Планина, горниот дел од сливот на р.Вардар, како и во сливот на р.Треска, р.Црна и Лепенец. – предупредува УХМР.

Коселска река – Архива OhridNews

Иако во источните делови врнежите се очекува да бидат послаби, надпросечен водостој на реките се очекува и  во овој регион, но сепак најголемото зголемување на водостојот се очекува на реките од крајните запдни делови од земјата.

Тоа што врнежите на планините ќе бидат во вид на снег претставува позитивна околност и ќе придонесе за намален доток на вода во реките. Посочуваме на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците низ земјава, а особено покрај оние во западните делови од државата. – укажуваат од УХМР.

OhridNews