Вкупно 440 студенти ќе се запишат на студиските програми од прв циклус студии на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид во учебната 2014/2015 година.
Од нив, 220 места се предвидени за студентите во државна квота, 110 за кофинансирање, како и 110 за вондредени студенти.
Селекцијата на кандидатите ќе се врши врз основа на успехот од средното образование, а со оглед на тоа што студиските програми во целост се изведуваат на англиски јазик, познавањето на овој јазик се докажува со доставување потврда за познавање во моментот на аплицирање.
Студентите во државната квота се запишуваат со плаќање надомест во износ од 200 евра годишно, додека студентите кои ги кофинансираат своите студии, како и вонредните, ќе се запишуваат со плаќање на надомест во износ од 400 евра годишно во денарска противвредност, според средниот курс на НБРМ.
Идните студенти ќе можат да одберат од следните студиски програми кои се понудени на Универзитетот: компјутерски науки и инженерство, комуникациски мрежи и безбедност, машинска интелигенција и роботика, информациони системи, визуелизација, дигитална мултимедијална и анимациска техника, е-влада, е-бизнис, е-култура и дигитална бизнис информатика.
Роковите за пријавување на кандидатите се 14 и 15 август и 3 и 16 септември 2014 година.
Инаку, Конкурсот е објавен на интернет страната на Универзитетот за информатички науки и технологии
OhridNews