Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на управување со ризици и осигурување во Република Македонија, како и афирмација на млади и стручни кадри, Агенцијата за супервизија на осигурување доделува годишна награда за 2014 година за истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Македонија во износ од 80.000 денари.
Трудот со кој ќе се аплицира на овој конкурс, задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 15.000 зборови (без апстракт, библиографија и анекси) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување кое ги содржи следните основни делови:апстракт; осврт на консултираната литература од областа која се истражува; опис на методите на истражување кои се користат во трудот; анализа; заклучни согледувања и библиографија.
Право за учество на конкурсот имаат државјани на Република Македонија до триесет и петгодишна возраст, односно до денот на доделувањето на наградата на 01.11.2014 година, учесниците не треба да имаат наполнети триесет и шест години. Учесниците кои имаат стекнато титула доктор на науки до денот на поднесувањето на трудот немаат право на учество на конкурсот.
Изборот на најдобар труд го врши Комисија која се состои од пет члена, од кои најмалку тројца се надворешни членови. Краен рок за доставување на трудовите е 30.09.2014 година.
OhridNews