Министерството за одбрана денеска објави јавен оглас за прием на 125 професионални војници во АРМ. Приемот ќе се врши неколку месеци низ неколку елиминациски фази, меѓу кои здравствени, општо образовни и за физичката подготвеност, се до селективниот курс кој ќе трае 24 дена.
Како што информираше министерот за одбрана Зоран Јолевски, јавниот оглас за прием на втората група од 125 професионални како што е планирано, ќе биде објавен во август годинава.
– При приемот ќе се има предвид и етничката застапеност на кандидатите, паралелно со условите дадени за прием. Во АРМ вкупниот број припадници од помалите етнички групи е 27 проценти, изјави на денешната прес-конференција министерот Јолевски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали во јавниот оглас за прием на новите професионални војници се внимава и на застапеноста на етничките заедници.
Според измените на Законот, сите поранешни професионални војници на кои им престанал работниот однос со навршени 35 години возраст односно 38 години, а кои на 31 декември 2013 имале статус на невработени лица, се примени во редовен работен однос МО.
Според проценките во МО, такви се 59 лица, од кои 57 изразиле подготвеност да бидат вработени во МО и во АРМ, но, подвлече Јолевски, се разговара и со дел од државните органи кои имаат потреба од лица со вакви квалификации да бидат преземени.
OhridNews
извор: 24 Вести












