Долгите колони и возењето 30 до 40 километри на час зад некој камион да станат минато. Превојот Стража целосно да се заобиколи. Ова го предвидува проектот за автопат од Гостивар до Кичево кој ексклузивно го открива националната телевизија „Алфа“.

Новата делница ќе биде долга 42 километри, 5 помалку од стариот пат, но ограничувањата на брзината ќе бидат 100 до 120 километри на час со што времето на патување ќе се преполови. Автопатот нема да се качува на превоите туку ќе остане во понискиот дел, ќе го следи поранешниот пат за Охрид кој веќе не се користи, но ќе оди во многу поправа линија.

Трасата на патот кој сега се користи

На трасата ќе има еден двоцевен тунел долг 380 метри, на седмиот километар по Гостивар, а предвидени се над 30 мостови, натпатници и потпаници од кои најдолгиот ќе има 544 метри. Гостивар и Кичево ќе добијат обиколници и по една клучка, а уште три населени места ќе бидат поврзани со излези на автопатот. Новиот автопат треба да биде широк од 25,5 до 27,5 метри – да има по две ленти за возење и по една за запирање во секоја насока, како и централно зеленило.

Според проектот, изградбата би траела најмалку 3 години. Сегашниот пат би останал незасегнат и би се користел како регионален и алтернативен правец. Планот на Владата е изградбата на делницата да ја финансира концесионер кој би управувал со неа односно би наплаќал патарини во наредните 20 до 35 години, во зависност од договорот, а потоа сопственоста да би ја префрлил на државата.

„Кога ќе излезе јавниот повик ќе ги соопштиме сите детали. Во моментов правиме пакет кој мислиме дека ќе биде интересен за потенцијален јавен – приватен партнер“ изјави Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

Пакетот предвидува приватниот партнер освен со новата да управува и со уште неколку делници. Една од опциите е да ја добие целата должина од Скопје до Охрид, заедно со постоечкиот автопат Скопје – Тетово – Гостивар, но и со Кичево – Охрид кој веќе се гради со кинески кредит.

Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) веќе ги подготви потребните студии и анализи за исплатливоста на проектот.

Од Министерството за транспорт и врски веќе информираа дека има интерес за инвестирање од неколку италијански и австриски компании. Ова би бил втор обид на Владата за концесионирање на патишта, првиот пропадна најмногу поради европската криза.

OhridNews

Извор: „Алфа“