Во издание на Матица македонска од печат излезе книгата „Поезија / Ткаења 1979 – 2014“ од Славе Ѓорѓо Димоски. Меѓу кориците на ова издание содржани се десетте поетски книги кои Славе Ѓорѓо ги објвил во изминатите триесет и пет творечки години.
Книгите претставени се во обратен редослед, од најновата „Мерач на зборовите“ објавена 2007 до најстарата „Гравири“, објавена пред триесет и пет години, во 1979 година.
Меѓу објавените наслови во книгата се: Мерач на зборовите (2007), Темно место (1999), Форми на страста / Формс оф пассион (1999), Форми на страста (1998), Предмети и аргумент (1994), Спореден пат (1991), Последните ракописи (1988), Студен порив (1985), Проект (1982) и Гравири (1979).
Книгата е проследена со обемен предговор од проф. д-р Димитар Пандев, а има и посебен дел со извадоци од критиката за поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски, а поместена е и селективна библиографија.
Насловната и задната страна илустрирана е од академскиот сликар Сергеј Андреевски.
Славе Ѓорѓо Димоски автор е на десет поетски книги, четири книги поезија за деца, три книги со есеи, една антологија на македонската љубовна и еротска поезија. За своето творештво добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои Браќа Миладиновци, Гранпри на европската поезија , орденот Сергеј Есенин, двапати на највисокото охридско признание Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид и др. Дванаесет негови книги се објавени на други јазици, а неговата поезија преведувана е на над дваесет и пет јазици.
OhridNews