Во Паркот на поезијата во Струга обновени се педесетина спомен-плочи од сите досегашни лауреати на „Струшките вечери на поезијата“.


Во рамки на јубилејното издание досегашните бронзени плочки, кои беа мета на кражби и вандалство, се заменети со плочки од композитен материјал со метален слој.

На плочките се отпечатени имињата на лауреатите, заедно со земјата на нивното потекло и се отпечатени кјуар-кодови кои при скенирање со мобилен телефон ги водат корисниците до специјално создадени линкови на веб-страницата на „Струшките вечери на поезијата“, на конкретниот лауреат каде што може да се погледне неговата биографија и неговата поезија, информираат од СВП.

Во годините кога Струшките вечери одбележуваат 60-годишен јубилеј, со овој чекор сакавме да го вратиме Паркот на поезијата во фокусот на јавноста, да ја потенцираме неговата вредност и уникатност, како и да ги искористиме современите технологии што секојдневно ги употребуваме за да ја промовираме поезијата и добитниците на „Златниот венец“. Ова е само почеток на еден посеопфатен план за внесување нови содржини во Паркот на поезијата што ќе го направат атрактивно место во кое поезијата ќе ја има главната улога – вели директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски.

Годинешната манифестација се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.

Секоја година, лауреатот на Струшките вечери на поезијата засадува нова млада фиданка во Паркот на поезијата како жив споменик и залог за иднината. Секоја година стеблата нараснуваат за уште еден година, уште еден круг. Нивните разлистени крошни се извишуваат кон бесконечноста и прават свод што Паркот го престорува во Храм на поезијата. Среде имињата на лауреатите, низ шумолењето на лисјата можеме да ги чуеме нивните возвишени стихови. Почетокот е пред 60 години, продложетокот е некаде во вечноста – стои во мототото на фестивалот.

OhridNews