Триесет и две лица се повредени утрово во судар на воз и автобус кај Сарамзалино, во близината на бензинската пумпа Мики петрол, на патот Штип – Велес.
До несреќата дошло кога возачот на автобус на „Струмица експрес“ преминал преку железничката пруга и покрај сигнализацијата која упатувала на пристигнување на воз. Шеснаесет од патниците се префрлени во штипската Клиничка болница, а шеснаесет во болницата во Велес. Директорот на штипската болница Александар Стојановски изјави дека повредените се во стабилна состојба, а дека една жена, со повреди на жрбетот, е транспортирана за Скопје. Од велешката болница тројца од патниците се префрлени за Скопје поради сериозноста на повредите. Меѓу повредените е и една бремена жена, за која лекарите велат дека е во добра состојба. Дел од повредените од велешката болница се пуштени на домашно лекување.
Од силината на ударот автобусот се превртел.
Автобусот патувал од Струмица за Скопје, а меѓу повредените има патници од Струмица, Радовиш и Штип.
OhridNews
извор: Телма