Еден автобус на ЈСП  е запален кај клучката „Детелинка” во близина на скопски Бит Пазар, пренесува „Макфакс“.

Опожарувањето на автобусот следува по судирите на полицијата и стотина демонстранти, кои денеска протестираа како реакција на вчерашните протести против именувањето на Талат Џафери за Министер за одбрана.

Како што пренесoa медиумите, протестот започнал кога младите момчиња се упатиле од „Чаричанка“ кон Владата на Република Македонија, каде што ги каменувале полициските службеници. Дел од медиумите информираат дека младите носеле знамиња на Албанија и транспаренти и извикувале „Учк“.

Откако групата со камења ја нападнала полицијата, таа одговорила со солзавец и ги потиснала демонстрантите кон Старата скопска чаршија.

Дел од медиумите јавуваат за повредени во инцидентите, оштетени автомобили и откорнати сообраќајни знаци.

Инаку, во текот на вчерашниот ден се одржа протест против именувањето на Талат Џафери за нов министер, а денеска пред споменикот на „Бранителите“ се одржува протест предводен од „Достоинство“.

OhridNews

фото: „Макфакс“