Генералниот секретар на Обединетите нации и неговата сопруга Бан Сун-Таек, во придружба на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов и сопругата Маја Иванова, претпладнево го разгледаа културно –историското богатство на Охрид кој е заштитен град од УНЕСКО, организација на ОН.


Во прошетката им се приклучија медијаторот во спорот за името Метју Нимиц, амбасадорот и поранешен преговарач во спорот Никола Димитров и министеркатата за култура Елизабета Канческа Милеска. Тие ги посетија Плаошник, Галеријата на икони, Античкиот театар и црквата Св. Богородица Перивлепта.


Високиот гостин беше запознаен со делото на Св.Климент и неговата просветителска и образовна мисија, како и со кратката историја на градот и Охридското Езеро, а во знак на сеќавање на подарок доби резба, мала икона со ликот на заштитникот на Охрид  и книга за убавините на Македонија.


До следно видување

Поради набиената агенда Бан Ки-мун мораше да ја скрати прошетката низ Охрид, кој како што рече, го воодушевил со древните градби и археолошките локалитети,  а претседателот Иванов му упати покана повторно да ја посети Македонија и да ги види нејзините убавини.

OhridNews
фото: ЕМИЛИО