Советотот на општина Охрид, во отстуство на советниците на опозциската ВМРО-ДПМНЕ, денеска го усвои буџетот на општината кој е проектиран на 16,1 милиони евра.

Претходно координаторот на советничката група ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Пановски, образложувајќи ја одлуката за напуштање на седницата, истакна дека предложениот буџет нема никакви развојни компоненти и истиот е проектиран за изборни цели. Тој забележа дека во салата за седници биле повикани одредени лица, подготвени за спроведување некакво сценарио. „Но ние сме одговорна опозиција која нема да го блокира донесувањето на буџетот. За да не предизвикаме тензии или конфликт ја напуштивме седницата и мнозинството нека го изгласа буџетот, кој секако по 3 месеци ќе биде изменет, изјави Дејан Пановски координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.“. Тој како и другите советници од ВМРО-ДПМНЕ, ги вратија новогодишните подароци од Локалната самоуправа нарекувајќи ги лицемерни, затоа што општината не им исплатила на советниците паушали за 10 месеци.

На случувањата во Советот реагираше и ОК ВМРО ДПМНЕ, кија обвини дека се спроведува „нечесно сценарио“.

-Денес пред седницата на Советот на Општина Охрид со телефонско јавување и партиски наредби СДСМ и Петрески  во салата каде се одржуваше седницата на Советот донесоа голем број на сограѓани,Охриѓани кои требаа да му го штитат грбот на најкриминалниот градоначалник и најкриминалното советничко мнозинство што некогаш го имал Охрид.
Со наредба за носење на луѓе СДСМ и Петрески сакаа да направат притисок и сценарио кое беше само во нивните глави и нивните идеи. Каде тргнавте Петрески? Против кого ги донесовте нашите сограѓани? Како ќе им погледнете во очи на луѓето што ги повикувавте да прават притисок во Советот, посебно како ќе го објасните тоа на интелектуалното ткиво на СДСМ?  Со каква цел го направивте тоа? Крајната цел на Петрески СДСМ им е насилство и создавање хаос дури и човечки жртви но ние нема да дозволиме оваа мала група лојалисти на македонскиот Гадафи Црвенкоски кој со однесувањето и повиците е единствениот виновник за ова што се случува во Македонија. Најмалку од се ќе дозволиме сценаријата на СДСМ да се спроведат во Охрид
.-стои во реакцијата на ОК ВМРО ДПМНЕ.

Градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, ги отфрли обвинувањата на локалната опозиција, посочувајќи дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ спроведуваат политички сценарија наметнати од централното раководство. Тој рече дека буџетот на општината е креиран да одговори на потребите на граѓаните, односно е развоен, бидејќи 46 отсто од планираните средства се предвидени за капитални инвестиции.

Петрески, ги отфрли и обвинувањата за, како што рече некаков наводен притисок врз советниците.

-Одговорно тврдам дека во салата за седници која денеска беше полна, нема алфи и специјалци, ниту  присуствуваа лица на кои местото не им беше тука. На седницата беа поканети и присуствуваа претставници на јавните претпријатија, пожарна, на образовни и други институции за чија работа се дискутираше на седницата на советот, рече Петрески, псочувајќи дека обвинувањата се неосновани и претставуваат само уште една манипулација на ВМРО ДПМНЕ.

Координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, истакна дека проектираниот буџет е реален и во рамки на можностите на општината. Тој рече дека опозицијата не приложила никакви аргументи со кој ќе го оспори буџетот, укажувајќи дека тој бил внимателно проектиран во изминативе месеци. Од страна на советниците и советничките групи, биле предложени и прифатени дополнителни измени.

На случувањаста во Советот со соопштение реагираше и Локалната самоуправа, која им забележа на советниците на ВМРО- ДПМНЕ дека наместо од говорницата , за што земаат паушален паричен надомест , тие се определиле  нивните неаргументирани обвинувања да ги соопштат на прес конференција .

-По директива на врвот на нивната партија ВМРО- ДПМНЕ , побрзаа на јавноста да и пласираат нова лага. На нивната прес конференција, го обвинија градоначалникот Александар Петрески и Советот на општина Охрид  дека божемно немале услови за работа и заминале од страв да не настане инцидент. Редно е да признаат пред јавноста дека лажат, бидејќи од снимениот видео и фото материјал на новинарските екипи, секој може да види дека на седницата  покрај советниците присуствуваа, овластени претставници од локалната администрација, директори и претставници на нивните служби од јавните претпријатија, училиштата и други субјекти , чии програми за работа се дел од буџетот на Општина Охрид за 2013 година. Крајно безобзирно  ги навредија претставниците на локалната администрација, на училиштата и на јавните претпријатија  нарекувајќи ги „познати насилници кои на седницата дошле да го посеат семето на омразата меѓу охриѓани“ . Со ваквиот речник советничката група на ВМРО- ДПМНЕ уште еднаш покажа дека за нив поважен е партискиот од интересот на граѓаните, па си дозволуваат легално избраните раководители на институции да ги нарекуваат насилници.-стои во општинската реакција.

По усвојување на буџетот, работата на советот продолжи по останатите точки од дневниот ред.

OhridNews