Од општинските СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ упатуваат честитки до жителите на Охрид по повод празникот 7-ми Ноември – Денот на ослободувањето на градот од фашистичката окупација.

„Со искрени желби за мирен и спокоен живот во слобода, демократија и благосостојба на сегашните генерации и идните поколенија. Водени од идеата дека слободата е највредната придобивка за секој човек, десетици борци за слобода од Охрид пред 69 години ги положија своите животи во борбата за конечно ослободување на градот. На 7-ми Ноември 1944 година помислата за ослободување на својот град од фашистичките окупатори и живот во слободен Охрид им ги полнеше срцата на многу борци од партизанските одреди и ги водеше во бескомпромисната решителна борба да се истера непријателот од сопствениот град, од сопствената татковина. За жал, голем број од нив не дочекаа да го видат Охрид ослободен. Најголемиот дел од нив беа млади патриоти, чии имиња, јунаштво и дело останаа засекогаш врежани во спомените на генерациите, кои безмалку 7 децении ги уживаат благодетите на слободниот живот.“ – се вели во честитката на ОО СДСМ Охрид.

Во честитката од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, упатуваат искрени желби за  вечен мир, добар соживот и  благосостојба.

– 7- ми ноември е денот  кога ја искажуваме нашата благодарност кон борците кои со своите животи  пред 69 лета, допринеле   за денешната слобода и чекорење во сопствена држава. Денес ја одбележуваме победата на   демократските сили  над фашизмот.Со  чествувањата по повод денешниот празник, ние се присетуваме на хероиските подвизи на борците против фашизмот, како завет дека нивните херојства и жртви никогаш нема да бидат заборавени а слободата за која се бореле ќе ни биде вечна, се наведува во честитката од ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews