Покрај целата спортска еуфорија која деновиве владее во Македонија, Охрид во вторник ќе биде домаќин на еден необичен и уникатен спортско-медицински подвиг. Педесет и девет годишниот Јане Петков, од Сандански, Бугарија, познат и како човек амфибија, ќе се обиде да препилива околу 3 км во Охридското Езеро, целосно врзан во вреќа без никакви помагала.

Ова претставува медицински атрактивен подвиг затоа што Јане има 59 години, но и нивото на хемоглобин во крвата, односно нивото на железо е под нормалната граница. Аналзите кои ги правевме покажаа дека Петков е со длабока анемија, но сепак ќе се обиде во таква состојба да ја постигне оваа цел. Заради можниот ризик, целиот настан ќе биде посебно следен од појачана медицинска екипа на ЦК Охрид пропратена со спасители, брод и амбуланта. Таму уште ќе биде и тим на  спасители на вода и секако ќе имаме и неколку кајчина во придружба, кои покрај за луѓето кои што ќе се грижат за потребите на пливачот, ќе послужат и за оние кои се радознали.“ – истакна Сашо Точков, претседател на Црвениот крст од Охрид.

Почетокот е закажан за 9 часот од поранешниот хотел „Парк“, а патеката ќе се бира зависно од временските прилики. Како што појасни Точков, крајната цел ќе биде градското пристаниште, а целиот настан ќе трае околу 3 часа.

Сите оние кои се желни и сакаат да го видат овој феномен можат да дојдат во вторник околу 12-13 часот на градското пристаниште. Сакам да споменам дека немаме лица кои што се авторизирани од Гинис, но целиот материјал кој ќе се собере ќе послужи за испраќање на една апликација за признавање на овој рекорд. Сакам да се заблагодарам на на локалната самоуправа, пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“, био-хемиската лабораторија при општата болница во Охрид и секако Црвениот крст кој е активно вклучен во овој подвиг.“ – додаде Точко.

Кочо Маленко од „Охридски бранови 2008“, истакна дека клубот е секогаш расположен да учествува на вакви настани, а задоволството е големо да се биде дел од еден ваков медицински феномен.

Што се однесува до Гинисовиот рекорд, доволно е Петков да ја заврши замислената рута од 3 километри. Ние ќе учествуваме како логистичка поддршка со пловни објекти и персонал. Преку овој настан, ќе се чуе за Охрид во целиот свет, а ова на некој начин претставува продолжување на сезоната. Се надеваме дека пливачот ќе успее во својата намера.“ – истакна Маленко.

Јане Петков, медицинскиот феномен кој ќе плива во водите на езерото, истакна дека суштината на овој подвиг е во дишењето, контролата на мислата и начинот на исхрана.

Уште како мал се интересирав за смислата на човечкиот живот. Како постар, ги изучив законите на кармата, односно оние за енергијата на мислата. Ова тука во Охрид ќе биде официјално изведено за прв пат. Иако медицината кажува дека е невозможно овој подвиг да се направи со ова ниско ниво на хемоглобин, сепак мислам дека крајно време е западната медицина да обрне повеќе внимаение на науката за дишењето, храната и мислата.“ – истакна Петков.

Инаку, настанот е во заедничка организација на општина Охрид, општинскиот Црвен крст и  Клубот за спортови на вода „Охридски бранови 2008“ – Охрид.

О.Т.