Двајца странски туристи се загубиле на планината Галичица. Информацијата за OhridNews ја потврдија спасувачките екипи кои веднаш по дојавата, вечерва, отпочнале голема акција за пронаоѓање на загубените лица.

Во потрагата по нив се вклучиле Единицата за спасување на планина и непристапни терени на Црвен крст Охрид, Центарот за управување со крзи – Охрид, и припадници на полицијата. Како што информираа од Црвен крст Охрид, доцна вечерва загубените планинари биле лоцирани, а околу полноќ спасувачките екипи и покрај лошите услови, врнежи и ниски температури, успеале да се пробијат до нив.

-Туристите се пронајдени во свесна состојба,”промрзнати” и намокрени, но се надвор од животна опасност. Тие се згрижени и со теренско возило на јавната установа Национален парк се транспортираат за Охрид.-изјави за OhridNews Сашо Точков од Црвен крст Охрид.

Инаку, ова е втор ваков случај на планината Галичица за кус период. На 30 декември при пад во бездна животот го загуби државјанин на Република Албанија, кој заедно со неколкумина пријатели при лоши временски услови залутал на македонска територија.

Г.М.