Многумина сметаат дека балканскиот Ерусалим претставува најголема туристичка дестинација во земјава, во која финансиските и економските проблеми на граѓаните се сведени на миниум. Но другото лицена градот со кое малкумина се запознаени, говори дека голем број охридски семејства преживуваат од ден за ден, без никаква помош од институциите, системот и самата држава.
Дека животот сурово си поиграл со охридското семејство Шемо кое се наоѓа во исклучително тешка социјална положба, говори фактот дека помина точно една година откако пламените јазици ја проголтаа нивната индивидуална куќа на улицата „Бистрица“ во населбата Воска. По серијата натписи на OhridNews, од општината најавија и исплатија конкретна помош за санација на штетите. Иако од локалната самоуправа со документи потврдуваат дека се исплатени финасиски средства во висина од 280 000 денари, сепак ова повеќечлено семејство тврди дека не се добиени ветените средства одобрени со одлука на Советот при општина Охрид уште во месец февруари 2013 година.
„Никаква помош не e дадена, а немаме добиено ниту денар од надлежните. Помина една година откако куќата ни изгоре. Тешко се снаоѓаме, а никој воопшто не е заинтересиран за нашиот проблем. Иако ветија, сепак ништо. Надеж веќе немаме. На едни им се помага, на други не. За едни владика, за други оџа.“ – велат од семејството Шемо.
„Живот“ на кредити
Како што велат од семејството Шемо, условите во кои се живее се исклучително тешки, а најстрашно поминале оваа зима бидејќи останале без огревно дрво повеќе од еден месец.
„Еден месец во најголемиот студ, немавме ниту дрва за да се згрееме. Кога ќе излезеше сонце, одевме надвор. Она што успеавме да го поправиме во опожарената куќа е кровот, за да не тече кога врне. Но парите едвај ги добивме преку кредит. Кој ќе ги враќа, никој не знае.“ – додаваат од семејството Шемо.
Од општина демантираат, парите исплатени на семејството Шемо
Од општина Охрид со остра реакција по написот во OhridNews, приложувајќи документи на кои се гледа дека на семејството Шемо му се исплатени средства во висина од 280 000 денари.
„Во врска со објавените наводи за тоа дека општина Охрид иако превзела обврски за финансиска помош на лицата чии што домови беа опожарени, истите не ги реализирала, општина Охрид најостро ги дематира овие наводи и истите ги смета за невистинити и штетни. На лицето Рушан Шемо, чија куќа беше опожарена, врз основа на извештајот од општинската Комисијата за утврдување на штета од пожар, ИСПЛАТЕНИ му се средства во висина од 280.000,00 денари ( двесте и осумдесет илјади денари).“ – се вели во реакцијата на општина Охрид.
Голготата на семејството Рустем
Седми месец како охридското семејство Рустем се снаоѓа за егзитенција далеку од очите на јавноста, откако во летниот период пожар целосно ја проголта нивната куќа на улицата „Андон Дуков“ во населабта Кошишта. Пред неколку месеци, тие се одлучија да побараат помош од надлежните, хуманите граѓани и институциите на системот, но како што тврдат, се е останато само на зборови.
„Никаква помош немаме добиено. Обеќаа околу 300 000 денари помош за опожарените куќи, но ниту денар не е префрлен на сметка. Бараат некој нови, некој стари документи, но не знаеме до каде е случајот. Седми месец како сме буквално под отворено небо. Ние постарите, се снајдовме кај блиските роднини, а младите ги испративме под кирија.“ – велат од семејството Рустем.
Седми месец под кирија
Младите членови на семејството Рустем, веќе седми месец живеат под кирија. Тие се одлучија да проговорат повторно пред медиумите, со надеж дека надлежните ќе изнајдат некое решение за нивниот проблем.
„Откога се запали куќата, преноќуваме кај роднините. Но во една соба осуммина, и тоа не оди. Решивме да одиме под кирија, за да не бидеме надвор на улица. Велат ќе помогнат, ама ништо од тоа. Нека направат нешто бидејќи и ние сме жители на оваа држава и на овој град. На некои можеше да се помогне, а нас буквално не заборавија.“ – вели Амир Рустем.
Вчера доставено барањето за формирање Комисија за утврдување на штета од објектот на Рустем
„До општинските служби БАРАЊЕ за формирање на Комисија за утврдување на штета од опожарување на објект на семејството Рустем е доставено на ден 26.02.2014 година (вчера). Претпоставуваме дека семејството незнаело дека е потребно да се достави барање, по коешто понатака постапува општинската Комисија.“ – велат од општина Охрид.
Во февруари 2013 најавени по 5000 евра за семејствата
Советниците на 28.02.2013 година, на оддржаната седница дадоа зелено светло за издвојување на средства од општинскиот буџет со кои ќе им се помогне на семејствата од неколкуте опожарени куќи во Охрид во изминатиот период. За таа цел, беа предвидени по максимум 5000 евра по опожарена куќа за санирање на штетите. Тогаш, општината вети дека ќе помогне и во санирањето на штетите на изгорените куќи на улица „Бистрица“, чии сопственици се наоѓаат во особено тешка социјална состојба.
Конкретна помош за санација на штетитe?
По серијата натписи на OhridNews за тешкотиите и проблемите со кои се соочуваат семејствата чии домови изгореа во пожар изминатата зима, во октомври минатата година општина Охрид најави конкретна помош за санација на штетите.
„Согласно Одлуката на Советот на општина Охрид , која стапува на сила утре на 4 октомври 2013 година, а се однесува на извештајот и дополнувањето на извештајот за пожарите настанати во 2013 година, се создадоа законски услови за финансиска помош од локалната самоуправа за санирање на опожарените објекти. Градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески, на 19.06.2013 година формира комисија која имаше задача да ги посети опожарените објекти и да ја утврди материјалната штета, за да може да се утврди висината на средствата со кои Локалната самоуправа ќе помогне во санирањето на објектите. Комисијата на 28.06. 2013 година ги посети и ги утврди штетите на опожарените објекти на ул. „ Бистрица“ 43, сопственост на лицата Рушан Шемо, Али Шемо и Амзи Шемо, земјоделската штала на ул. „ Андреја Јованоска“ б.б која изгоре заедно со стоката, опожарените објекти на сопствениците Скендероски Петар, Михаилов Милчо, Дончо Србиноски и Димче Тоскоски , а утврдена и штетата во колективната стамбена зграда на „ Булевар Туристичка“, каде изгоре дел од електричната инсталација.“ – информираа во тоа време од локалната самоуправа.
O.T.