Рамка за решение на спорот со името во раната фаза од пристапните преговори, повторна препорака за нивен старт и употреба на терминот „македонски“.

Ова се трите клучни поенти на Годишниот извештај за напредокот на Македонија што во среда во Брисел ќе го претстави еврокомесарот за проширување Штефан Фуле.

Европската Комисија предлага прашањето за името да биде решено во раната фаза од преговорите, кои би почнале, доколку биде прифатена четвртата препорака на комисијата за старт на преговорите.

– Одлуката на Европскиот совет да го отвори процесот на преговори за членство на ПЈР Македонија во Европската унија ќе придонесе за создавање на услови што ќе бидат погодни за наоѓање на решение за прашањето со името. Во овој поглед, Европската комисија е подготвена без одложување да ја презентира рамката , стои во извештајот.

ЕК веќе го лиферуваше извештајот за Стратегијата, а и самиот комесар Фуле истиот го претстави пред членовите на Комисијата за надворешни работи на ЕП.

Што е многу важно за Македонија, ЕК ја споменува и пресудата на Меѓународниот суд на правдата:

– Во декември минатата година, Меѓународниот суд на правдата утврди дека Грција ја прекршила Времената спогодба со земјата со спротивставување на нејзиниот прием во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година. Останува есенцијално одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи компромисно и меѓусебно прифатливо решение на прашањето за името, под покровителство на ООН. Решение мора да се најде без понатамошно одлагање. Акции и изјави што можат негативно да влијаат на добрососедските односи треба да се избегнуваат, препорачува Комисијата во извештајот.

OhridNews
Makfaks