Над една милијарда инвестиции во нови енергетски капацитети во дистрибутивниот систем ќе се реализираат во следните дваесет години. Ова се предвидува во  Мастерпланот на ЕВН Македонија што беше презентиран денеска, пред високи владини претставници, градоначалници и претставници на бизнис секторот.


Преку реализацијата на проектите што ги опфаќа Мастерпланот значително ќе се подигне квалитетот на дистрибуцијата и снабдувањето со електрична енергија, а истовремено ќе бидат пресретнати потребите на идните корисници. Проектите што ги предвидува Мастерпланот вклучуваат реализација на конкретни проекти на целата територија на Р. Македонија.

„Стручните екипи на ЕВН Македонија се целосно посветени на обезбедување на квалитетно снабдување и брз и модерен сервис за сите наши корисници. Мастерпланот кој предвидува инвестиции од над една милијарда евра е само потврда на нашата искрена посветеност и темелен пристап кон постигнување на оваа наша цел. Нашите заложби се можни само преку партнерски однос и соработка со сите надлежни институции и со бизнис секторот и искрено се надеваме дека и во иднина ќе продолжи оваа успешна соработка во насока на обезбедување на квалитетни услови за развој“, истакна Вернер Хенгст, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија. 

На изработката на Мастерпланот стручните тимови на ЕВН Македонија работеа пет години, при што беа земени во предвид сите расположливи податоци од домашните и странски институции, беше консултирана академската домашна и странска јавност, енергетските компании и сопствената база со податоци на ЕВН Македонија.

„Модернизацијата и зголемувањето на капацитетите на дистрибутивниот систем е од клучно значење за идните инвестиции. Енергетиката е основен крвоток на секоја економија, па оттука овие инвестиции на ЕВН Македонија ќе ја подобрат бизнис климата и ќе влијаат позитивно врз имиџот на земјата“, изјави заменикот претседател на Владата одговорен за економски прашања Владимир Пешевски. 


Анализите на Мастерпланот покажуваат дека енергетските потреби во следните дваесет години ќе изнесуваат просечни 2% на годишно ниво. Инвестициите што ќе ги реализира ЕВН Македонија во следниот период ќе ги пресретнат овие енергетски потреби во дистрибутивниот сегмент.

„Инвестициите во енергетскиот сектор се еден од најзначајните двигатели на економскиот раст, но и еден од предусловите за одржување на високиот квалитет и комодитет на современото живеење на сите граѓани. Реализацијата на овие инвестиции ќе ги пресретне сегашните и идните потреби на корисниците и компаниите и ќе поттикне поголема конкурентност на компаниите“, потенцираше министерот за економија Валон Сарачини.   
 
Мастерпланот предвидуваа долгорочни инвестиции на ЕВН Македонија во конкретни проекти во следните дваесет години. ЕВН Македонија е присутна на македонскиот пазар веќе седум години и досега инвестираше 196 милиони евра во изградба на нова мрежа и реконструкција на постојната.

OhridNews