ГРК Охрид славеше на гости над МОЛ Татабања 28:29 во првиот финален натпревар од ЕХФ Европскиот куп.
Охрид одлично го започна мечот и целосно ја контролираше играта во првото полувреме, додека на трибините доминираше “сино-белата армија” навивачи кои беа силна поддршка на “Гладијаторите”.
Во вториот дел судискиот критериум беше одлучувачки фактор. Охрид најголем дел од продолжението имаше играч или два помалку. Татабања умешно ја искористи бројчаната предност и ја стопи предноста на Охрид а во финишот за момент домаќинот го презеде и водството. Но Охрид возврати со гранитна одбрана и лукави напади кои на македонскиот претставник во ЕХФ Европскиот куп му донесоа вредна победа.
На 3 секунди до крајот Ѓукиќ испрати проектил кој заврши во голот на Татабања за делириум помеѓу гостинските навивачи.
Пилиповиќ мечот го заврши со 12 одбрани, а нападот го предводеа Иванковиќ и Ѓукиќ со по 7 гола.
Статистика ГРК Охрид: Пилиповиќ (12 одбрани), Блажески, Ристески, Ојлески 2, Ѓукиќ 7, Моралес, Лиапис 5, Тасески, Кукуловски, Иванковиќ 7, Стрмљан 4, Јасухира 4, Јагуриноски, Савревски, Прибетиќ 2.
Играчите на Охрид победата ја прославија со верните навивачи, а голманот Пилиповиќ и Анте Иванковиќ се качија на трибините и заедно со “Рибари” го славеа големиот успех.
Реваншот се игра на 31 мај во салата “Билјанини извори” која е целосно распродадена.
Фото галерија:
Г.М.
Фото: Анамарија Момироска







































































































































