Хронолошки поместени настани и активности кои се случувале во секојдневието од работењето на НУ Библиотека „Григор Прличев“, промоции, средбите со луѓето, меѓународните комуникации се испишани низ 180 страници на книгата „70 Години Библиотека ‘Григор Прличев’- Охрид“ од авторот Милчо Јованоски, која беше денес промовирана во „Прличевата одаја“. Со оваа промоција започна и програмата на годинешните „Прличеви беседи“.

Во рамките на одбележувањето на 130 годишнината од смртта на нашиот голем преродбеник и поет Григор Прличев и 70 годишнината која ја одбележавме минатата година откако нашата Библиотека го носи името на големиот наш патрон Прличев, се обидовме преку Министерството за култура да конкурираме токму за една ваква монографија која е всушност продолжение на она што во 1998 година го заврши нашата покојна Маринела Јовановиќ почнувајќи ги тие денови од 1952 година па се до 1998 година.  Јас се обидов од 1998 година уште 25 години да направам еден времеплов, една хронологија на настани исклучиво во рамки на Библиотеката, но не во рамки на „Прличевите беседи“, бидејќи минатата година имавме еден таков проект кој беше завршен на ист начин со таква книга, вели Јованоски.

 

Книгата е вистински раритет за овие наши простори, вели Јованоски, зошто институции се оскудни со архивски материјал, тоа што се правело ревносно во сите тие години, а жал многу многу не се забележувало.

Макотрпна беше работата, а подготовката ма материјалот траеше година и половина. Тука се содржани исто така и низа податоци од технички аспект. Колкав е нашиот простор, каде биле селидбите на институцијата, бројот на вработените и раководни лица, бројот на запишани членови, купените книги. Книгата е вистински хорничар на едно време и тоа е она што им треба на сите наши институции не само на Библиотеката, бидејќи само така ќе не биде, ако го поврзиме минатото со иднината, потенцира Јованоски.

Врз основа на испишаните податоци во книгата во седумдесетите години имало најмногу читатели во охридската Библиотека кога државата била во подем од еден друг аспект, социјализам, но тогаш имало и библиобус и клонови на Библиотеката, вели Јованоски.

Се надеваме дека ќе има прилики да отвориме клонови дури и во населби во нашиот град и во приградските населби. Тоа во моментов го решаваме со проектите со ОО Црвен крст Охрид каде од кај нас им се носат на луѓе во поодалечените краеви на општината книги кои ги бараат и сакаат да ги читаат. Мислам дека златното време биле 70-80 години. Сега последниве години зафати бранот на пандемијата со Ковид се намали бројот на читатлите, но со отворањето на вратите на Библиотеката уште од првиот ден по Ковид кризата интересот беше голем, што ни даде надеж и сила да продолжиме со успех и минатата година да бидеме и прогласени за Библиотека на годината во рамки на Друштвото на библиотекари на Македонија. Тоа е поттик да работиме и понатаму и да ја шириме културата преку пишаниот збор и преку позајмените и читани книги, додава Јованоски.

Промотор на книгата беше новинарот и публицист Свето Стефаноски, а книгата е издадена со поддршка на Министерството за култура и Општина Охрид.

Н.С.Ј.
Фото: Емил Јовановиќ