Најновиот македонски игран филм насловен „Џган“, синоќа премиерно беше прикажан пред охридската публика. Според досегашните критики, како што истакна филмскиот критичар Ѓоко Симјаноски, филмот се смета за едно од најдобрите дебитантски остварувања во последниве десет години. Интересот на Охриѓани и посетеноста за филмот покажа вистинска љубов кон седмата уметност.


Екипата на „Џган“

Филмот зборува за ретка тематика која досега не е актуелизирана односно за тоа што се случува со маргинализираните слоеви во оштеството како што се децата без родители и малолетните криминалци. Тоа се заборавени и изоставени млади луѓе на кои речиси никој не им обврнува внимание и кои растат со константен гнев и огорченост. Општеството замижува за нивното постоење, за нивните потреби и најчесто завршуваат таму каде што никој од нас не сака да биде. 

Според режисерот на филмот Вардан Тозија, не треба да го гледаме светот со розеви наочари, но да се трудиме да ја согледаме реалноста затоа што вината за кошмарот што им се случува на домците или децата без родители лежи во секој еден од нас. Филмот не може да го промени целото општество преку ноќ, но како што вели Тозија, ова е еден обид да почнеме да размислуваме за овој горлив проблем.

„Филмот покажува дека тие деца постојат и дека она што се обидовме да го прикажеме не е фикција. Отворете на Гугл и видете какви црни хроники има за воспитно поправните домови, домови за малолетни криминалци, домови за деца без родители… Тоа не значи дека не постојат домови кои водат правилна грижа и дека од тие домови не излегуваат примерни деца кои имаат голем потенцијал, успешна кариера и просперитетна иднина. Но проблемот лежи во сите нас затоа што ние замижуваме, ги стигматизираме, етикетираме, имаме предрасуди за нив и не сакаме да им подадеме рака, иако ним ќе им значи и најмала помош. Државата треба да направи најмногу, но секој од нас има задача во нивното вопитување и правилно изградување, затоа што нашата незаинтересираност кај нив генерира желба да се занимаваат со криминал и други девијантни појави и да заглават до гуша допирајќи го дното. “ – подвлече Тозија.

Главниот актер во филмот е 16 годишниот Мартин Ѓоргоски кој го игра ликот на Филип, момче гладно за правда, непоправлив реалист, револуционерен, молчелив и емотивен кој не сака да се помири со отфрленоста од општеството и со тоа како луѓето однадвор ги гледаат децата од домот, како ги омаловажуваат, потценуваат, уценуваат и повредуваат. За Мартин ова е прво филмско остварување, а како дебитант успеа да ги освои симпатиите на публиката која во него гледа нова надеж на филмското платно.

„Искрено, јас улогата ја играв сосема природно, многу се соживеав со ликот и ја чувствував емоцијата како би реагирала личност со таков профил во тој момент и потоа ја интерпретирав таа емоција. Проблемот за тоа што им се случува на децата во домовите лежи во секој еден поединец затоа што повеќе сме склони кон отфрлање на оние кои се различни од нас. Јас сметам дека насилството што го прават тие млади луѓе во филмот е неспоредливо со болката која им ја нанесуваме ние со нашата незаинтересираност и игнорантски однос. Лично сметам дека буквално секоја личност може да направи промена со тоа што ќе биде спремна да направи едно добро дело. Некому да кажеме и обично „Добар ден“ може да го направиме среќен и да промениме нешто во животот на тој човек. “ – рече Ѓоргоски.

Актерот Дениз Абдула кој го толкува ликот на Чавка ја претставува светлата страна како еден контрапункт на бруталноста, безнадежноста, очајот, резигнацијата и целиот мрак во домот. И покрај психичката тортура во домот, тој успева да остане во врска со неговата девојка Сара и да пронајде смисла за неговиот живот. Како што посочува Абдула, предрасудите ги спречуваат тие млади луѓе да живеат нормален живот и да се реализираат како личности.

„Јас едноставно не ги гледам тие луѓе како криминалци, туку едноставно како луѓе кои си ја бараат правдата и само сакаат да живеат нормално. Тие едноставно сакаат да бидат прифатени како рамноправни луѓе во општеството наспрема сите етикети, стереотипи и препуштеноста сами на себе. Но јас верувам дека филмот дава шанса да се слушне гласот на овие маргинализирани слоеви и да влијае на начинот на нашето размислување за овие луѓе кои единствено сакаат подадена рака, љубов, внимание и поддршка.“– порача Абдула.

Пошироката порака на филмот е дека се потребни радикални системски промени за да се стигне и до најранливите категории во општеството. Воедно како што истакна и режисерот, насилството раѓа насилство, така што потребен е сосема нов пристап во воспитувањето на овие маргинализирани групи и имплементирање реформи кои ќе им дадат нова надеж за да се чувствуваат интегрирано и прифатено во општеството.

Ивана Чичоска
Фото: Емилио