Граѓанските организации Go Green, Ајде Македонија и Грашница, заедно со Црвен крст, „Чист Охрид“, волонтери и претставници на туристичкиот и јавниот сектор во Македонија, денеска во Охрид организираа акција за чистење на на плажата Горица 2, Заливот на коски, с.Елшани, како и на локации во градот.
„Мора да се ангажираме сите за да ја зголемиме свеста кај граѓаните за отпадот, воспоставување инфраструктура за управување со отпад и доследна имплементација на веќе донесените правила и планови за управување со отпад, вели Антонио Јовановски од Go Green. Оваа организација веќе работи на подолгорочна стратегија за подигнување на јавната свест на ниво на целата држава со која ќе се обидат да влијаат на граѓаните да создаваат помалку отпад и да го фрлаат само на одбележани места. „Решението на проблемот со дивите депонии е во зголемување на свеста кај луѓето за проблемот.“ изјави Јовановски.
Во Македонија во просек еден жител произведува 380 килограми отпад, додека во Охрид поради присуството на голем број на туристи просекот е двојно поголем во текот на туристичката сезона. Најголем процент од овој отпад 99,4% се одложува на депонии.
Ѓоко Зороски од еколошкото друштво Грашница вели дека акцијата ја организираат за да помогнат во што подобро претставување на Охрид пред туристите но и пред делегатите на претстојната АdventureNEXT Balkans конференција.
-Само вчера собравме околу пет контејнери отпад, претежно пластични шишиња и друг отпад кој е неразградлив. Со тоа се докажа уште еднаш дека свеста на граѓаните се уште е на многу ниско ниво и затоа овие акции се во насока да апелираме оваа природна убавина што ни е дадена да ја зачуваме. – рече Зороски.
Според него потребно е вклучување на најмладите во процесот на заштита на животната средина, со цел уште од најмлала возраст да им се всади чувство за заштита на природата.
-Исто така потребно е да се зголеми бројот на инспектори и да се засили контролата на терен. – додаде Зороски.
Акцијата ја проследи амбасадоркатаата на Швајцарија во Македонија Сибил Сутер Тејада, која истакна дека земјава има сериозен проблем со отпадот.
-Отпадот дури и во најубавите земји има влијание на перцепцијата на туристите за таквите места. Туристите сакаат чиста природа. Доколку одите на места каде гледате многу отпад тие нема да ви бидат атрактивни.-посочи амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Тејада.
Акцијата е подджана од програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME) на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од водечкиот партнер Swisscontact, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус. Програмата во рамките на своите активности го поддржа и организирањето на AdventureNEXT Balkans конференцијата за авантуристички туризам во Охрид на која ќе учествуваат над 300 делегати од кои 20 меѓународни медиуми.
OhridNews



















