Синоќа избувна пожар во станбената зграда бр. 4 на булевар „Туристичка“, но за среќа нема жртви и повредени.

Како што ни изјавија жителите од зградата, пожарот избил нешто по 23 часот од броилата за електрична енергија по што одекнале силни експлозии. Густ чад веднаш го исполнил влезот и почнал да навлегува во становите кои жителите ги напуштале во паника со крпи на устите. Пожарот бил изгаснат со брза интервенција противпожарната единица од Охрид, која пристигнала со повеќе возила.

Дел од станарите и покрај неподносливата миризба останале во своите домови, додека други ноќта ја поминале кај роднини и пријатели. Како што денеска им било соопштено од ЕВН, проблемот со оштетената електрична инсталација ќе биде саниран во наредните 3 недели.

Се обидовме ноќта да ја поминеме во нашиот стан. Но подоцна поради неподносливата миризба, се упативме кај наши роднини. Утрово во разговор со електричарите од ЕВН ни беше кажано дека целокупниот процес околу поставување електрична инсталација ќе трае околу 3 недели. За среќа, жртви нема.“ – вели станар од зградата број 4 на булеварот „Туристичка“.

Силните експлозии кои одекнале доцна во ноќта ги вознемириле и жителите од населбата „Охридати“.

Се слушнаа неколку експлозии, а потоа прочитавме дека се работело за пожар на булеварот „Туристичка“. Денеска дојдовме тука да видиме што точно се случило, но ова  е навистина страшно. Среќа што во тој момент никој не поминал оттука.“ – вели жител од населбата „Охридати“.

Причините за пожарот ќе ги утврдува истрагата, но неофицијално тој бил предизвикан од краток спој. Жителите се сомневаат дека причина за тоа е човечки фактор, односно неовластено приклучување на елетро мрежата.

Истрагата ќе ја утврдува и настанатата материјална штета во зградата и деловните простории кои се наоѓаат во приземјето каде избувнал пожарот.

OhridNews