Прекрасни рачни изработки, најразновидни креации, вкусни специјалитети и десерти, можеа да видат охриѓани на Првиот велигденски саем во Охрид што се одржува во организација на ЈП „Градски пазар“.

Саемот има хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат наменети за помош на социјално загрозените семејства од општината.

-Со оваа манифестација сакаме да им помогнеме на социјално загрозените семејства во Охрид. Со собраните средства од саемот ќе подготвиме заедно со Црвениот крст и јавното претпријатие „Градски Пазар“ дваесетина пакети кои што пред Велигден ќе ги доделиме на социјално загрозени семејства. Затоа ги повикувам сите хумани луѓе да го посетат саемот и да придонесат во помагањето на социјално загрозените категории. Заедно со ЈП „Градски Пазар“.-изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Градоначалникот на Охрид изрази очекување дека манифестацијата ќе прерасне во традиција која ќе ја поттикне хуманоста во градот.

Хуманитарниот саем го поддржаа компании, занаетчии и образовни установи од градот.

-На саемот учествуваат основни училишта, Црвениот крст, ФТУ Охрид и Жито Леб кои се претставуваат со сопствени производи, како и цвеќарници, производители на свеќи и други. Се надеваме дека саемот ќе биде посетен во наредните денови и дека и изложувачите ќе го најдат својот интерес, рече директорот на градскиот пазар Тони Коталески. Тој најави дека следната година ќе бидат поканети повеќе изложувачи.

Деканот на Факултетот за туризам и угостителство, проф Д-р Сашо Коруноски истакна дека Велигденскиот саем е зачеток на една многу добра иницијатива која ќе придонесе за развој на туризмот.

-Ова е начин да се поврзе традицијата со туризмот и токму ваквите настани ќе придонесат да се зголеми бројот на туристи за време на празниците во Охрид. Рече Коруноски.

На саемот се претстави најголемиот производител на леб и печива во регионот „Жито Леб“, кој традиционално за Велигден подготвува празнична програма. Така пред Велигден во продажба ќе се најдат празничната погача од половина килограм, штрудла со мак и со мармалад, како и традиционалниот козуњак.

Велигденскиот хуманитарен саем кој се одржува во халата на градскиот пазар ќе биде отворен до сабота.

 

Г.М.