Меѓу илјадата верници кои утрово се фрлаа по крстот во осветените води на Охридското Езеро, најсреќен беше Цветан Мицкоски од охридската населба Далјан, инаку по потекло од село Белчишта.
– Дваесет години скокам по светиот крст и голема желба ми беше да го фатам крстот и еве конечно желбата ми се исполни, изјави Мицкоски.
Првите честитки фаќачот на крстот ги доби од кумовите на Водици, балканската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ и Зоран Милески. Фаќачот на крстот од кумовите ќе добие реплика од богојавленскиот крст од сребро и злато со посвета.
-Пред се Бог се јави и среќен празник на сите верници. Почестен сум што сум кум на Водици во Охрид и што можам да придонесам за оваа манифестација. Ова момче веќе 20 години е во „трка“ по крстот и еве годинава му се посреќи.-реќе кумот Жељко Јоксимовиќ, кој е воодушевен од гостопримството на охриѓани.
-Годинава фаќачот на крстот не е од Варош. Слушавме низ годините наназад дека крстот го местеле, не го местеле, а ова е доказ дека фрлањето на крстот никогаш не се местело, истакна кумот Зоран Милески, кој на фаќачот и на сите верници им посака многу здравје и среќа.
Традиционално фаќачот на крстот придружуван од семејството и својата тајфа дојде во ресторанот Св. Софија, каде беше пречекан од кумовите, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, членови на здружението Богојавление и свештени лица од Дебарско – кичевската епархија.
Чинот на осветувањето и фрлањето на крстот во Охрид, и покрај дождот, го проследија неколку илјади охриѓани и гости од соседните земји.
Чествувањата утрово започнаа со света архиерејска василева литургија во црквата „Св. Богородица“ – Каменско, како и во сите парохиски цркви во Охрид.
За присутните на охридското пристаниште и годинава традиционално се делеше топла ракија и вино, а за убавата празнична атмосфера придонесе и настапот на градските хорови и ансамблот Билјана Јуниор кои ги изведуваа познатите староградски рефрени.
OhridNews
фото:Емилио

























