Со мнозинство гласови, по предлог на советниците од ВМРО- ДПМНЕ, на денешното продолжение на конститутивната седница на советот на општина Охрид за претседател беше избрана советничката од коалицијата За подобра Македонија, Гордана Коњановска.
Како што истакна во своето обраќање пред советниците, новоизбраната претседателка на градскиот совет, во наредниот период советот ќе го раководи максимално посветено, со доследно почитување на законските прописи.
– Ќе се залагам за носење одлуки кои ќе значат реализирање на проекти и дела кои ќе го подобрат животот во Охрид, во секој поглед. Се надевам дека мојот стил на работа ќе значи содзавање услови за фер и демократска атмосфера, за борба на идеи и проекти, со цел она што ќе биде донесено како одлука при реализацијата да значи добро за градот и граѓаните, рече Коњановска.
Опозицијата во советот со ветување дека ќе работи конструктивно, а во текот на првите сто дена од работењето на новиот состав, дека ќе се воздржи од критики.
– Ќе се држиме до истите принципи и критериуми до кои се држевме и во изминатите години , за кои сметавме дека се во интерес на граѓаните, пред се почитувајќи ги законите. Ќе бидеме конструктивна опозиција, затоа што само со добронамерна критика и со укажувања, како контролен механизам, локалната самоуправа ќе може да граби напред во развојот на општина Охрид.Своите ставови и понатаму ќе ги искажуваме отворено и јасно, независно како на нив се гледа во моментот, рече координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.
На денешното продолжение на седницата, беа дадени уште два предлози са претседател на советот на општината. Од страна на советникот Томислав Тунтев беше предложен Љубомир Чаулев, а советникот Јоне Станкоски за прв човек на советот го предложи советникот од ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски.
И двата предлози не беа прифатени од страна на предложените советници.