По повод 8- ми септември, Денот на независноста на Македонија честитки до граѓаните упатуваат и градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски и од општинската ВМРО-ДПМНЕ.
Нашите предци низ историјата се бореле за слобода на македонскиот народ и независна Македонија.Точно пред 22 години својот стремеж , на успешно спроведен референдум македонскиот народ го потврди тоа и изгласа независна Република Македонија, држава која и покрај сите притисоци од нашите непријатели успешно функционира и се стреми за интеграција во Евроатланските организации со цел поголема афирмација на македонскиот народ и подобар животен стандард. Водејќи се од овие принципи продолжуваме да се стремиме за добродетот на македонскиот народ и стабилноста на Република Македонија, се наведува во честитката на градоначалникот Трајкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека сонот на секој Македонец бил и ќе биде самостојна,суверена, независна и просперитетна Македонија и дека 8 Септември е денот на остварување на тој сон.
– Посветеноста кон Македонија и во овие 22 години и натаму до вечноста ќе ни биде цел, идеја и борба, заедно со сите граѓани кои се дел од вечната приказна за Македонија, стои во честитката од ВМРО-ДПМНЕ.
Честитки за празникот и од општинската ЛДП.
– Долгорочната стратегија на земјата нека биде нашиот заеднички мотив. Да славиме уште долги години независност и сплотеност на сите граѓани во оваа земја. Вечни нека бидат стремежот, поривот и желбата за подобро утре. Нека ни е честит празникот на независноста 8- ми Септември. Нека биде вечна и демократска Република Македонија, порачуваат од ЛДП.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев, во својата честитка упатена до граѓаните, потенцира дека секој 8 септември по историската 1991, потсетува на причините поради кои треба да се гордееме како земја, но и на обврските по одлуката за самостојна Република Македонија.
– Пред 22 години Македонија покажа зрелост за независна и суверена држава. Низ годините, минавме низ големи искушенија, внатрешни и надворешни, но решително опстојувајки на визијата за своја држава, заеднички, успеавме да формираме функционални институции и достојно да ја етаблираме земјата во светот. Сепак, денес, овој значаен датум, од нас бара нова сила за предизвиците што веќе подолго време стојат на патот на нашата иднина. И повторно, тоа што ни е потребно е единство, но и верба дека демократските форми на решавање на проблемите, се единствен начин да се постигнат посакуваните цели, стои меѓу другото во честитката на Заев.
OhridNews