Локалните совети за превенција на општините Струга и  Вевчани изразуваат жалење за немилите настани што се случија во врска со одржувањето на Вевчанскиот карневал и протестот на муслиманските верници во Струга, како и за инцидентите кои уследија потоа во селата Октиси, Боровец и Лабуништа, кои ги подигнаа меѓуетничките тензии во струшко.

Ова меѓу другото беше заклучено на петчасовната  средба помеѓу градоначалиците на Струга и Вевчани и претставници на Локалните совети за превенција на двете општини, на верските заедници, невладини организации и полицијата, на која присуствуваа и претставници на ОБСЕ. Средбата која се одржа зад затворени врати во х. „Амбасадор“ во Охрид, мина во напната атмосфера, а на моменти можеа да се чујат и жестоки дискусии на висок тон.


Иако беше побарано, официјално Вевчани не се извини за карневалските маски кои ги навредија чувствата на муслиманските верници, но општината презеде обврска да влијае  во иднина да не се случуваат вакви инциденти, што беше и еден од четирите  заклучоци на средбата.

– Советот за превенција на општина Вевчани презема обврска да разговара со поединци и групи учесници во карневалот, и со васiличарските друштва во иднина да се посвети поголемо внимание при изработка на карневалските маски се со цел да не се навредат чувствата на нашите сограѓани од различна вера и етнос, посочи градоначалникот на Вевчани Перо Илиески.


На средбата исто така беше заклучено Локалните совети за превенција заедно со верските заедници да иницираат дијалог со сите урбани заедници, невладiни организации и надлежни институции, со цел зголемување на меѓусебната доверба, која сериозни е разнишана по последните инциденти.

– Мислам дека тензии нема и нема да има. Ве уверуваме во тоа, бидејки ние сме живееле и ќе живееме и натаму заеднички на овие простори, рече градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.


Учесниците се договорија идниот месец да се одржи нова средба на која ќе се разгледа напредокот во имплементацијата на донесените заклучоци.

OhridNews