Во екот на пандемијата, секојдневно сме сведоци на  примери на хумани граѓани, компании и организации, кои позитивно влијаат на заедницата. Освен поддршка за храбриот медицински персонал кој е на првата линија од фронтот во борбата со коронавирусот, Охриѓани не ги забораваат и своите сограѓани од социјално ранливите категории.

Деновиве вработените од ЈП „Охридски Комуналец“ од сопствени средства, обезбедија триесеттина хуманитарни пакети кои ќе им бидат доставени на социјално загрозени семејства во градот.

Вработените од ЈП „Охридски комуналец“ несебично донираа во поставена кутија за хуманитарна помош во просториите на претпријатието. Сакаме во овој тежок период да покажеме дека хуманоста е неопходна, треба да се помогне, да се донира, да бидеме хумани и помогнеме секаде каде има потреба, изјави Стевчо Маслов од ЈП „Охридски Комуналец“.

Стевчо Маслов – ЈП „Охридски Комуналец“.

Поголема количина хуманитарни пакети обезбеди и познатиот изработувач на оригинален Охридски бисер, Михајло Филев, кои исто така ќе им бидат доставени на социјално загрозени семејства во Охрид. Помошта во овој момент е неопходна за голем број граѓани и затоа општествената одговорност е повеќе од потребна, нагласува Филев.

 

 

  • Брендот „Охридски бисер Филеви“ секогаш помагал така и сега во време на пандемијата, заедно во соработка со Црвен крст и сите хумани луѓе обезбедивме хуманитарна помош-пакети со прехранбени производи и средства за лична хигиена наменети за најранливите категории граѓани. Ним сега помошта им е најнеопходна. Само здрави граѓани може да придонесат Охрид по завршувањето на кризата повторно да се издигне онака како што беше и претходно. Богат е оној кој подарува, а не оној кој има, вели Михајло Филев.
Мишо Филев

Хуманитарните пакети ќе бидат доставени од страна на екипи од општинскиот Црвен крст до социјално загрозените семејства.

 

  • Благодарение на институции, фирми, граѓани, општествено одговорни лица, компании, здруженија, сме сведоци на нивната хуманост и општествена одговорност и она што го прават за граѓаните. Има доста кои понудиле помош, некои повеќе, некои помалку, но она што е најважно е дека охриѓани уште еднаш ја покажаа хуманоста и солидарноста, изјави претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков.
Сашо Точков – Претседател на ОО Црвен краст Охрид

 

Точков потенцира дека екипи од Црвен крст заедно со екипи од локалната самоуправа постојано се на терен и вршат доставување на производи до граѓани на кои им е неопходна помош при набавка. Досега екипите имаат реализирано над 800 доставувања.

Ohridnews