И оваа година во пресрет на празникот Водици, на 18.01.2018 (четврток), во 13 часот, општина Охрид традиционално ќе  додели хуманитарни пакети на социјално ранливи семејства. Оваа година на иницијатива на Градончалникот Јован Стојаноски општина Охрид обезбеди 100 хуманитарни пакети, кои ќе им бидат доделени на семејства на кои помошта им е најнеопходна во моментов, информира локалната самоуправа.

Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, низа хуманирани и други активности најавува и општинската организација на Црвен крст Охрид. 

На 18.01.2018 г. (четврток) од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. – Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 7.6  оЦ, велат од Црвен крст.

Традиционалната крводарителска акција „Водици 2018“ под мотото  „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СẺ“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 19.01.2018 (петок) од 9-15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Се покануваат нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци.

За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19.01.2018 (петок), Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 4 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 4 нуркачки тимови, како и со 7 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило. Под надзор на спасители и медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе бидат и „скокачите по крстот“ во с. Пештани и во Св.Наум.

На денот на рибарите на 20.01.2018 (сабота), тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.

OhridNews