Граѓаните кои живеат во контактната зона во старото градско јадро на Охрид, да можат да градат или доградуваат согласно измените на Законот за градба, без да ги консултираат археолозите, предлага опозициската СДСМ. За таа цел се бара бришење на ставот 1 од членот 8 од Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.
Пратеникот Томислав Тунтев, појаснува дека во насока на олеснување на постапките за изведување на градежни работи на објектите кои се користат за домување во контактната зона, опозцијата го предлага ова законско решение со кое сопствениците на овие објекти ќе бидат ослободени и растеретени од обврската за организирање на архелошки надзор или добивање позитивни извештаи од извршени архелошки истражувања, што според него, несомнено ја одолговлекува градежната постапка, а понекогаш и ја оневозможува.
-Значи, ова не се однесува на објектите во старото градско јадро – строго заштитената зона, туку за објектите во пошироката контактна зона, надвор од старото градско јадро. На граѓаните што живеат во контактната зона, за разлика од нивните сограѓани во старото градско јадро, веќе им се овозможија одредени погодности со последните измени во Законот за градење, предвидени во член 59-ѕ, со кои можат да надградат објект до висина од 10,20м независно од важечкиот урбанистички план или урбанистичка планска документација. Поради тоа, сосема е нелогично да се бара и понатаму од граѓаните во контактната зона да ги усогласуваат висината и габаритот на куќите според важечкиот урбанистички план, кога со споменатите измени во Законот за градење урбанистичките планови се ставија ад акта, односно критериуми и стандарди од правилник се поставија над законот. Со тоа, ништо не се менува во заштитата на културното и историското наследство во старото градско јадро, но на граѓаните во контактната зона, надвор од историското градско јадро, им се поедноставуваат процедурите при градење. – вели во изјава за OhridNews, пратеникот Томислав Тунтев.
За охридскиот Завод и Музеј, предлогот на СДСМ, е неприфатлив, бидејќи се коси со основните начела на заштитата на културното наследство. Оттаму велат дека предложените измени се непотребни и неиздржани, бидејќи граѓаните кои живеат во контактната зона неусловено може да ги користат поволностите од Законот за градба.
-Што се однесува до поволностите од Законот за градење со кој на сопствениците на недвижносто по имотен лист им се овозможува да извршат надградба во висина од 10 до 20 метри согласно правилнокот, за истото тие не се условени со претходни археолошки истражувања и надзор затоа што се работи за надградба на постоечки објекти, значи не се потребни никакви археолошки истражувања и надзор. И луѓето во контактната зона можат да ги ползуваат овие поволности од законот за градење, применливи се и не се стопирани ниту со археолошки истражувања, ниту со археолошки надзор бидејќи се работи само за надградба, а не за нови градби и за доградби. – изјави Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и Музеј Охрид.
Според установата, не држат и аргументите за бришење на член 8 став 2 од Законот за Охрид со кој се усогласуваат висините и габаритите на новоизградените објекти, бидејќи со последните измени на законот во 2015 година повеќе нема ограничувања на висините на новоизградените објекти, односно тие се регулираат согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.
-Во однос на бришење на член 8 став 2 алинеа 3 каде што стои „усогласување на висината и габаритите на новоизградените објекти, на начин со кој се оневозможува затворање на визурите на споменичната целина и тоа во делот од кнтактната зона кој се наоѓа во радиус од 500 метри воздушно од споменичната целина со дозволени максимум П + 4 катаи во делот од контактната зона кој се наоѓа во радиус од 1000 метри воздушно од споменичната целина со дозволени максимум П + 5 ката“, напоменуваме дека истото е изменето со измени и дополнување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење во септември 2015 година и повеќе нема ограничувања на висините во горенаведените радиуси. Висините треба да бидат регулирани согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање. – вели Паскали Бунташеска.
Најголем проблем според жителите во заштитеното старо градско јадро е должината на постапката за добивање согласност од институциите и за најмала интервенција на објектите.
-До поднесување на барање за градба по електронски пат треба да се набави заштитно конзерваторско одобрение, за да се добие тоа треба повторно проектот во печатена форма да ја помине процедурата во Министертвото за култура и таа процедура понекогаш трае долго време. Тука може да се направат некои измени да се забрза процедурата, да влезе и процедурата во министерството за култура, односно управата за заштита на културното наследство во електронскиот систем за одобрение на градење. – вели Горан Патчев, претседател на УЗ Стар град.
Согласно законот, за барањата за градба или градежни зафати на постоечки објекти во заштитеното старо јадро Завод и Музеј Охрид не одлучува туку дава само мислење и ги проследува барањата до Министерството за култура односно до Управата за заштита на културното наследство, која го има последниот збор.
Г.М.