Непознат стрител ноќеска со камен ги искшил стаклата од влезната врата и прозорите од седиштето на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Охрид. Случајот бил забележан утрово, по што партијата го пријавила во полицијата.
Претседателот на општинскиот комитет, Атанаско Михаилов најостро го осуди синоќешниот вандалски чин и како што рече, начинот на кој се поттикнува или манифестира политичката борба во државата.
– Би сакале да изразиме длабока разочараност од насилниците кои на ваков начин сакаат да предизвикаат политички тензии кои во минатиот период ги намаше во Охрид. Бараме од надлежните институции во најкраток можен рок да го разрешат случајот и виновниците да бидат казнети, рече Михаилов.
Според него насилниците сакааат да предизвикаат проблеми онаму каде ги нема и дека е очигледно дека сакаат да покажат дека борбата со корупцијата и криминалот што ја води владата и локалната самоуправа некому му смета.
– Порачуваме дека нема да застанеме со бескомпромисната борба против сите деструктивни сили кои сакаат да ги уназадат Охрид и Македонија. Но, граѓаните и ја дадоа подршката и на владата и на локланата самоуправа да работаат во нивни интерес и ние ќе продолжиме да работиме без разлика на заканите и инцидентите, нагласи претседателот на општинската ВМРО-ДПМНЕ.
Михаилов истакна дека партијата нема индиции кој стои зад синоќешниот напад на седиштето и дека нема да се впуштаат во шпекулации околу мотивите и сторителите на вандалскиот чин, оставајќи на надлежните органи да ги пронајдат сторителите .
Екипа при СВР Охрид утрово, веднаш по пријавувањето на случајот изврши увид на местото на настанот.
OhridNews