Илјада и шестотини лица од социјално ранливите категории добија работно место во јавната администрација преку елкретонско рангирање, кое во неделата беше пренесувано во живо на Македонска телевизија.

Избраните ќе бидат првично вработени во ЈП Македонски Шуми, потоа дел од нив ќе останат работа во ова јавно претпријатие, а другите ќе бидат преземени во други институции, пренесува „Макфакс“

Имињата на избраните се читаат во рамки на отворената програма, а можат да се видат и на веб страната на Македонски шуми.

Изборот беше направен согласно објавените критериуми и опфаќа четири групи лица и тоа долгорочно невработени со повеќе од 10 години без работа, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства и невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен.

Во секоја група има вработувања за лица со ниски квалификации, со средна стручна подготовка и за лица со високо образование

За секоја од овие категории се предвидени по 400 вработувања при што во рамките на секоја група има вработувања за лица со ниски квалификации, со средна стручна подготовка и за лица со високо образование.

При изборот водена е сметка и за правичната застапеност на етничките заедници. Од избраните, најголем дел, 976 се неквалификувани, со средно или вишо образование и 152 со високо образование.

Изборот беше извршен од компјутерски електронски софтвер кој содржи податоци за апликантите собрани на три начини заради обезбедување транспарентност и правичност на процесот.

Првиот вид се податоци кои самите апликанти ги навеле во обрасците што ги имаат доставено до ЈП „Македонски шуми“.

Вториот вид се податоци со кои располагаат државните институции (УЈП, ФПИОМ и Агенција за вработување), а кои се обезбедуваат по службена должност и третиот тип се собрани од специјализирани тимови на институциите кои извршиле теренски посети на поедини апликанти за да ја утврдат веродостојноста и точноста на наведените податоци. 

OhridNews
извор:„Макфакс“