На слатки маки беше жирито во состав: Проф. д-р Гордана Речкоска, Проф. д-р Ангела Крстаноска Василеска и дипл. менаџер Наташа Спасеска Цветкоска, кое ги оценуваше тортите што ги подготвија учесниците на 21-та „Тортијада“, што во организација на Женскиот центар „Бисера“ се одржа синоќа во хотелот „Нова Ривиера“. Покровител на овогодишната манифестација беше Мирјана Тодороска коа за оваа пригода специјално допатува од Швајцарија.

Во категоријата слаткари професионалци првото место за тортата „Мала шмизла“ го освои слаткарница Анабела . Второ место и припадна на слаткарницата „Теодина“ за тортата „Свето писмо“, а трето за  „Чизкејк“ тортата го освои слаткара за смути и здрави слатки „Фрутибокс“.

Во категоријата слаткари аматери прво место освои тортата „Замок“ од Валентина Адамова, второ место тортата „Новогодишна идила“ од Македонка Дервушоска и трето место тортата „Кочија од Катарина Љубичиќ“.

Најдобрите учеснички беа парично наградени од покровителката на тортијадата Мирјана Тодороска.

На „Тортијадата“ гости беа дел од советничките од градското собрание предводени од претседателката на советот Живка Ангелоска кои хуманитарно ја помогнаа манифестацијата. Во своето обраќање пред присутните претседателката на советот ја подвлече посветената работа на ЖЦ Бисера, а на членовите им посака успешна работа и во иднина.

Присутните на „Тортијадата“ која предизвика голем интерес, ги забавуваше група „Стил“, а најсреќните добија награди од богатата лотарија која беше организиран со донации и спонзорства. 

OhridNews