Едно лице се пријавило за укажување на лекарска помош поради вдишување на чад во пожарот во којшто целосно изгоре планиранскиот дом „Копанки“ на Пелистер, соопшти МВР.

Пожарот избувнал доцна синоќа, но за среќа жртви нема, сите присутни лица биле евакуирани, а причинета е голема материјална штета што дополнително ќе се утврдува.


Се уште не се утврдени причините поради кои настанал пожарот. Полицијата моментално врши увид на местото на пожарот.

„Дојавата за пожарот во противпожарната служба во Битола е примена во 24 часот. Кон Домот се упатија седум пожарникари со три возила. Но, бидејќи патот до таму е непристапен, кога стигнавме веќе пламенот зел замав, па немаше можност за интервенција”, вели командирот на противпожарната служба на Битола, за „Макфакс”.

Опремата за гасење, до местото на пожарот била носена со ратрак, поради непристапност на теренот. Од противпожарната единица во Битола потврдуваат дека нема човечки жртви, а дека сите присутни биле навреме евакуирани.

Планинарскиот дом кој нудеше 16 соби за сместување е изгорен до темел, а материјалната штета дополнителни ќе се утврдува.

Според битолските медиуми, во текот на вчерашниот ден биле организирани неколку зимски манифестации околу домот на Пелистер, кој сега остануваат без една од омилените дестинации за зимски спортови и уживање.

OhridNews
извор: „Макфакс“