– Верувам дека со преземањето на стопанисувањето за многу краток период, јавното претпријатие ќе го осети финансискиот бенефит кој ни го овозможи локалната самоуправа. Иако сме во многу тешка финансиска состојба, правиме максимум напори за да се промени досегашната слика околу паркинзите. Лицата кои наплаќаат се облечени во препознатливи и обележани маички, а деновиве посетија и обука за давање прва помош. Во идниот период ќе следат многу новини со цел подобрување на квалитетот на услугите кои ги дава претпријатието, изјави ВД директорот на ЈП Билјанини извори, Иван Цветкоски.
Како што истакна секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, со предавањето на стопанисувањето со паркинзите на ЈП Билјанини извори исполнето е даденото ветување кон граѓаните, со што се овозможува и понатамошно рентабилно работење на јавното претпријатие.
– Извршените анализи доведоа до заклучок дека е потребно да се наплаќа паркинг со што се создава ред во паркирањето. За паркинг ќе плаќаат сите и ние вработените во локалната самоуправа, независно од работното место или функцијата која ја вршиме. Парите од наплатата, јавното претпријатие има обврска да ги реинвестира во подобрување на содржините кои ги нуди, рече Спасески.
Паркирањето ќе се одвива во две зони, А и Б. Во зона А во строгиот центар („Македонски просветители“, кружниот тек) паркирањето ќе чини 40 денари во првиот и исто толку во вториот час, а за секој нареден час ќе се плаќа по 30 денари. Паркирањето во зона Б ќе чини 30 денари во првиот и исто толку во вториот час, а за секој нареден час ќе се плаќа по 20 денари.
Согласно утврдениот режим на сообраќај паркирањето на Кејот “Маршал Тито“ од 1-ви јули до 31 август не е дозволено, а од 1 септември тука ќе се наплаќа паркинг според тарифникот за зона А. Исто така во наведениот период по 20 часот паркирање нема да биде дозволено на кружниот тек.
Во процедура е отворање на бесплатна телефонска линија со предзнак 0800 на која ќе може да се даваат сугестии и да се пријавуваат поплаки околу стопанисувањето со паркинзите.
Граѓаните кои живеат на улиците каде ќе се наплаќа за паркинг, имаат можност за користење паркинг место со плаќање месечен износ од 500 денари, а за период од една година 6000 денари. Се нуди опција и за таканаречен закуп на паркинг место за гости, кој 30 часа ќе чини 400 денари.
Цената за користење паркинг место за раководителите на фирмите на овие улици изнесува 1200 денари, а за вработените 800 денари.
На новинарско прашање што се случува со екс директорот на претпријатието Боро Шајн кој беше прераспределн на ново работно место како наплатувач, ВД директорот Цветкоски рече дека денес тој не се појавил на работното место, но се надева дека во текот на денот ќе биде дадено оправдување за причините за отсуството. Согласно законот за работни односи, доколку лицето не се појави на работното место во текот на последователни три дена и за тоа не се даде соодветно оправдување, следува отказ.