Новинари, медиумски работници, граѓани, денес протестираа пред Апелациониот суд против одлуката за затвор на новинарот Томислав Кежаровски во траење од две години.
Со пароли и свирежи повикаа Кежаровски, кој денеска на изненадување на сите беше привремено пуштен од затвор, потполно да биде ослободен. Со маски со неговиот лик, порачаа дека и „тие се Кежаровски“, а за премиерот Никола Груевски изработија карикатура на која е прикажен тој како го жколеж слободното новинарство, облечен како терорист. Сите заминаа пред Владата за да му ја предадат лично на премиерот карикатурата.
Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари, Тамара Чаусидис вели, привременото пуштање, кое ги изненади сите е само мала победа, но дека новинарите не се откажуваат бидејќи тој е невин и пресудата мора да биде ослободителна.
Кежаровски неколку дена беше во затвор, откако Апелациониот суд ја преиначи првостепната пресуда и од 4,5 години затвор ја намали на две години.
Кежаровски беше уапсен во акцијата „Ликвидација“ во мај 2013 година, под обвинение дека објавил име на заштитен сведок во случајот со убиството во Ореше. Прво беше во притвор во затворот во Шуто Оризари, кој подоцна му беше заменет со домашен притвор.
OhridNews
извор: Макфакс
фото: НОВА














