20-годишниот студент од Охрид Климент Довлев, доплива до единственото буре со црвено вино, од вкупно пет што денеска по повод Денот на рибарите на празникот Св. Јоован, беа фрлени во водите на Охридското Езеро кај градското пристаниште.
-По бурето скокам четири години. Инаку за богојавленските празници се капам од мојата четврта година. „Бочката“ со вино ќе ја испиеме со блиските, има многу кандидати и нема да ни стигне.-низ смеа изјави среќниот капач.
Довлев на подарок од здружението „Богојавление“ доби реплика од крстот кој се фрла во осветените езерски води и други пригодни подароци.
Инаку, фрлањето на бурињата со вино не беше најдобро изведено, што предизвика реакции кај присутните, но и револт кај дел од капачите. Имено дел од нив иако трпеливо чекаа во студените езерски води дваесетина минути, не добија шанса да се борат за бурињата со вино, бидејќи тие беа фрлени предалеку од нив, односно блиску до кајчињата и бродовите на кои исто така имаше капачи.
Народната веселба беше збогатена со настап на фолклорни музички состави од Охрид, а присутните ги поздрави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој на православните верници им посака здравје и среќа.
-Посакувам сите да бидете благословени од Бога, нека вашите срца се исполнат со добра мисла, позитивна енергија, нека господ ви даде здравје како на вас, така и на вашите најмили. Посакувам оваа година да биде плодна, како за вас, така и за вашите најмили и за градот Охрид.-рече градоначалникот Бакрачески.
Традиционално, по повод Денот на рибарите, средното угостителско туристичко училиште од Охрид „Ванчо Питошески“ подготви рибна чорба, која оваа година ја спонзорираше хотел ресторанот „Тино“.
Интервенираа спасителите на вода
Малку повеќе „расположен“ капач западна во проблеми откако скокна од брод во студените езерски води. Веднаш реагираа спасителите на вода, а полицијата со чамец брзо го префрли на копно, каде му беше укажана лекарска помош.
Со брза реакција на спасителите и полицијата капачот беше пренесен на копно
Како што информираат од Црвениот крст, нивните екипи интервенирале уште во два случаи. Во првиот се работело за алкохолизирано лице, а во вториот за младо момче кое се здобило со смрзнатини.
OhridNews


























