Без претходно известување, ЈП „Охридски КОмуналец“ вчера ги дислоцира контејнерите в долж бул. „Туристичка“ од таканаречените џепови направени за таа намена.

По реакциите во јавноста јавното претпријатие утрово се огласи со соопштение во кое се наведува дека по барање на Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште, контејнерите од „Булевар Туристичка“ се дислоцирани заради непречено движење на велосипедистите по велосипедската патека во целата должина на булевар „Туристичка“.

-Контејнерите не се повчени од оваа сообраќајница, туку се дислоцирани во најблиските комплекси и споредни улици околу булевар „Туристичка“.-информираат од Комуналец.

Но, каде всушност се дислоцирани контејнерите. Тие сега се поместени на неуредените паркинзи од блиските згради чии жители со години чекаат локалната сампоуправа да ги асфалтира или поплочи. Граѓаните реагираат дека ваквиот потег е недоволно стручно анализиран и не претставува соодветно решение, посочувајќи дека доколку општината сака да овозможи услови за велосипедистите и пешаците најпрвин мора да изгради или да ја адаптира градската инфраструктура, за што треба да се донесе соодветна стручна студија. Контејнерите, пак, сметаат граѓаните, ако веќе се дислоцираат од велосипедските и пешачките патеки, никако не смеат да ги узурпираат паркиралиштата и другите јавни површини.

-Охрид ионака има проблеми со паркинг просторот уште контејнерите на паркинг фалеа. – реагираат граѓани. Тие очекуваат јавното претпријатие и локалната самоуправа да ја преиспитаат, според нив, избрзаната одлука, и да изнајдат соодветно решение. Охриѓани сметаат дека општината треба да изгради подземни боксови или соодветно да уреди простор за контејнерите како што се прави во целиот свет, а не со половични решенија да решава еден проблем со кој создава друг.

OhridNews