Лажна била пријата на 31- годишниот охриѓанец кој на 18-ти јуни во Полициската станица во Охрид пријавил кражба на 35.000 евра.

По преземени мерки за реализација, Секторот за внатрешни работи Охрид го расветли пријавениот настан, што како казнено дело „Разбојништво“ беше пријавено на 18-ти овој месец, поради што нареднииот ден СВР Охрид од слобода го лиши лицето кое ја пријави кражбата и против него ќе биде поднесена кривична пријава за лажно пријавување на кривично дело.

На 18-ти овој месец, околу 12 часот телефонски во СВР Охрид било пријавено забележано неподвижно тело пред куќен број на улицата „Славеј Планина“ во Охрид. По извршениот увид на лице место, полициските службеници утврдиле дека се работи за 31- годишен охриѓанец, кој според неговите изјави, со тврд предмет бил удрен во пределот на главата по што паднал во бессознание. Како што им изјавило лицето на полициските службеници, од неговата ташна што ја носел преку рамо, непознатиот напаѓач му одзел 35.000 евра.

Со низа преземени оперативни мерки, анкети и разговори вклучително и полиграфско тестирање, констатирано е дека охриѓанецот лажно пријавил кривично дело, односно лажно пријавил друг како сторител на кривично дело. Тоа го направил иако знаел дека реално нема сторител што го удрил со тврд предмет и му ги одзел парите. Лицето, со цел да го прикрие трошењето на парите за свои потреби  во износ од 35.000 евра кои биле сопственост на правното лице каде бил вработен, а му биле доверени на управување од сопственикот, на 18-ти овој месец се упатил кон улицата „Славеј планина“. каде пред куќа во изградба забележал бекатон плочка. Со неа тој два пати си нанел удари во пределот на главата, а потоа легнал на земја односно на песокот кој бил до куќата во изградба претварајќи се дека е во бессознание. Претходно тој од банка подигнал 5000 евра сопственост на правното лице каде бил вработен.

Охриѓанецот  во периодот од Ноември минатата до Јуни оваа година од сефот во банка каде биле парите во повеќе наврати подигал пари и со истите уплаќал спортска прогноза во една кладилница во Охрид при што потрошил вкупно 35.000 евра. Со цел да го прикрие трошењето на парите, лицето се одлучило на лажно пријавување на кривично дело.

Охриѓанецот  досега по ниту еден основ не е познат во службата на СВР  како извршител на казнени дела.

OhridNews