13.30.-СВР Охрид на прес конференција што се одржа денеска ја потврди синоќешната информација дека е поднесена кривична пријава против управителката на приватната компанија која стопанисува со паркинг просторот во општината, како и против фирмата поради основи на сомнение за сторено кривично дело узурпација на недвижности. За разлика од првичната информација, оттаму сега појаснија дека управителката на компанијата вчера била повикана на разговор во охридската полиција, по што дала исказ пред истражен судија.
-Постапката по однос на поднесената кривична пријава понатаму ќе се води во редовна процедура, истакна портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Во објаснувањето на поднесокот стои дека вчера правното лице и управителката со претходна намера зазеле туѓа недвижност која со одлука на Советот на општина Охрид е прогласена за јавен паркинг и е во сопственоет на општината како имот во општа употреба. Правното лице и управителката постапиле спротивно на известувањето од градоначалникот на општина Охрид за раскинување на договорот за закуп на паркинг простор и ангажирале вкупно 10 лица како наплаќачи на паркингот, им дале фискални апарати и ги испратиле да наплаќаат на улиците во централното градско подрачје каде бил раскинат договорот.
-Со наплатата на паркинг во периодот од 8.30 до 14.30 се стекнале со противправна имотна корист од 11.450 денари,истакна портпаролот Димоски.
Претходно, вчера, управителката на компанијата која стопанисуваше со паркинг просторот во општината, во изјава за медиумите изјави дека обврските од договорите за закуп на паркинг просторот се почитувани во целост, а заклучокот од советот на општина Охрид, во мај, за раскинување на договорот е донесен врз основ на неточни податоци. При тоа, таа се пожали дека соработката со локалната самоуправа била на незадоволитено ниво, посочувајќи дека локалната не одговорила на ниту едно барање за обележување на хоризонталната сигнализација и паркиралиштата. Додаде дека од страна на полицијата секојдневно се вршела идентификација и легитимирање и сликање на вработените кои наплаќаат за користење на паркинг просторот, и покрај тоа што како закупци имале валидни договори за закуп на паркинзите.