Нема никаква злоупотреба и пречекорување на службената положба и прибавување парична корист за друг при ископувањата што се вршеа во делчевско и во катлановско, рече Паско Кузман, поранешен директор на Управата за заштита на културното наследство, кој денес даде исказ пред Кривичниот суд во Скопје за случајот Фаланга 2.

Како што рече Кузман, локациите во делчевско и во катлановско воопшто не се наоѓале на археолошката карта и не биле археолошки локалитети. Управата за заштита на културното наследство издала согласности на физички лица, граѓани на Македонија, нестручни лица за изведување на земјени работи за проверка на наоди за постоење на културно наследство и скриено богатство. При тоа, Управата побарала асистенција од МВР и Бирото за јавна безбедност, во случај да биде откриено скриено богатство и евентуално културно наследство кое би било во сопственост на државата.

– Мојата најискрена мотивација при реализација на овој потфат, а верувам дека тоа било мотивација и на целата Управа, беше во случај да биде откриено скриеното богатство Управата да биде таа што ќе се здобие со таквото богатство и се обидувавме да придонесеме за нашата држава, бидејќи тоа богатство би било во сопственост на државата , рече Кузман.
 
Тој го праша Обвинителството, која друга институција освен Управата би можела да издаде такви согласности на други лица за барање скриено богатство.Во својот исказ тој тврдеше дека на МВР исплатил над три милиони денари буџетски пари за полициска асистенција.

– Искрено, не мислев дека треба да им се исплатат овие финансиски средства на МВР бидејќи сите ние работевме во корист на државата и тие средства се буџетски, рече Кузман.
 
Според него, во случај да било откриено културно наследство, тогаш физичките лица би се надевале на награда што и законски би им следувала.
 
Судскиот процес за „Фаланга 2″ почна на 16- ти септември. Кузман се товари за злоупотреба на службената положба бидејќи наводно нелегално издал согласност на две лица да вршат ископување на два археолошки локалитети, каде се трагало по големо количество на оружје и злато.

OhridNews

извор:Макфакс